По Хан, денеска Рикер на средби со државниот врв и со опозицијата

90

Вршителот на должност помошник државен секретар на САД за Европа и Евро-Азија, Филип Рикер, кој престојува во работна посета на нашата држава, денеска во Скопје ќе има средби со државниот врв, а ќе разговара и со претставници на опозицијата.

Предвидено е Рикер да има средби со претседателот на државата Стево Пендаровски, со претседателот на Собранието Талат Џафери, со премиерот Зоран Заев, со министерот за надворешни работи Никола Димитров и други владини претставници. Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, за време на посетата на Собранието, покарј со Џафери, ќе има средби и со пратениците од Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“.

Според најавата од Стејт департментот и соопштението од нашето МНР, централни теми ќе бидат билатералните односи и патот на Северна Македонија кон членство во НАТО и ЕУ, а ќе бидат разменети и мислења за состојбите во регионот. Се очекува да стане збор и за новиот закон за јавното обвинителство со кој треба да се регулира идниот статус на СЈО.

Рикер придружуван од американската амбасадорка Кејт Мари Бернс вчера ги посетија општините Битола и Кавадарци каде остварија средби со градоначалниците Наташа Петровска и Митко Јанчев.

Пред посетата на Скопје, Рикер престојуваше во Атина каде имаше средби со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, со други владини претставници, како и со поранешниот премиер Алексис Ципрас.

Филип Рикер кој е поранешниот амбасадор на САД во земјава, последен пат го посети Скопје во март годинава во својство на цивилен заменик и политички советник на командантот на Европската команда на Воените сили на САД, должност што ја извршуваше пред назначувањето за американски помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања.

Рикер неодамна во изјава за МИА во Вашингтон оцени дека Северна Македонија во изминатиот период сработи одлично, и не треба да се дозволи земјата да подлегне на некаква дестабилизиција со непотребни политички игри. Администрацијата во Вашингтон е убедена дека Северна Македонија е на вистинскиот пат и оти процесот треба да се истурка до крај со цел земјата да стане 30. членка на НАТО и да ги почне преговорите за полноправно членство во ЕУ, истакна Рикер.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...