Започнувањето на преговорите со Европската унија за Република Северна Македонија не е само политичка одлука, туку можност за интензивирање на реформските процеси и усогласување со законодавството на ЕУ. Статусот и имплементацијата на овие процеси, зголемување на конкурентските предности и подготовка на јавниот и приватниот сектор за достигнување на европските стандарди се базира и на она што земјава ќе го испорача во однос на реформите со јасен план и динамика на реализација.
Критериумите кои секоја земја мора да ги исполни се познати како „Копенхашки критериуми“, поделени во политички, економски и административни. Во однос на политичките критериуми станува збор за стабилност на институциите кои ќе гарантираат демократија, владеење на правото, заштита на човековите права и почитување и заштита на правата на малцинствата. Паралелно ќе се спроведува и скринингот на техничките критериуми со реформи и приспособување на администрацијата за да биде способна да создаде услови за приспособување на националната административна структура кон механизмите кои функционираат во јавната администрација на ЕУ познати како „Мадридски критериуми“.
Столбот на Европската унија е продолжение на Европската економска заедница, каде „економијата“ била додадена на името со цел да се покаже поширока политичка основа дадена со Договорот од Мастрихт. На 7 февруари 1992 година, членовите на Европската заедница во Мастрихт го потпишале Договорот познат како Договор на Европската унија, кој стапил на сила на 1 ноември 1993 година. Со Договорот од Мастрихт се создале валутата евро и структурниот столб на Европската унија.
Постоењето на Европската унија пред сѐ се темели на сознанието на земјите-членки дека економски интегрирани се посилни и економски просперитетни. Унијата постои и се одржува токму заради проценката на членките дека во рамките на Унијата добиваат повеќе, особено во услови на глобализираниот свет. Основниот економски карактер, согласно член 5 од Договорот за Европската Унија од Мастрихт, ги постави следниве цели: избалансиран одржлив економски и социјален напредок без постоење на внатрешни граници, јакнење на економската и социјалната кохезија и формирање на економска и монетарна унија; воспоставување на заедничка безбедносна и надворешна политика, зајакнување на заштитата на правата и интересите на националните држави – членки преку воведување државјанство на Унијата, да ги поддржува во целост правните придобивки на Унијата, да ги надградува и обезбедува ефикасноста на механизмите и институциите и да развие блиска соработка во делот на правда и внатрешни работи.
Критериумите кои ги донесе Европскиот совет на седница во Копенхаген, во 1993 година, вклучуваат и постоење и функционирање на пазарна економија која мора да биде во можност да се справи со притисокот на пазарот и правилата на европската економија, односно да биде во можност да се справи со притисокот на конкуренцијата и пазарните сили внатре во Унијата. Од аспект на Стопанската комора на Македонија реформските процеси во насока на исполнување на економски критериуми се од посебна важност.
Постоењето на функционална пазарна економија ќе се анализира и оценува според неколку критериуми и тоа: постоење на политички консензус за остварување на пазарната економија; (не)соработката со ММФ, Светската банка и други меѓународни финансиски институции; макроекономска стабилност што вклучува раст на производството, трговскиот дефицит, балансот на тековната сметка, функционирање на пазарот на работна сила, т.е. вработеност и невработеност, девизниот курс и генералната монетарна политика, инфлацијата; меѓусебното дејство на пазарните сили, проценето преку учество на приватниот и јавниот сектор во структурата на БДП; бариери за влез и излез од пазарот и стабилност на финансискиот сектор.
По јунските заклучоци на Советот на ЕУ се отвори простор за историскиот почеток на подготовките за објаснувачкиот скрининг, што Македонија го почна во септември минатата година во Брисел со Поглавјето 23.
– Ова поглавје кое се однесува на правосудството и фундаменталните права, се смета за едно од клучните поглавја чија имплементација задира и во економските критериуми, а дека реформите во областа на владеењето на правото е приоритет го потврдија и амбасадорот Самуел Жбогар и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, на минатонеделната средба во Комората.
Процесот на преговори значи финална фаза на процесот на приближување кон Унијата, усвојување на нејзините придобивки и вредности, како и целосно приспособување на македонските институции кон начинот на функционирање на институциите на Унијата.
Македонија откако се стекна со статусот земја – кандидат во 2005 година е првата земја од регионот која со потпишување на Финансиската спогодба со Европската комисија од 2007 година започна со реализација на Националните програми за претпристапна помош, познати како ИПА-фондови, кои пред сѐ значат стекнување искуство и знаење за искористување на европските фондови, како и реализирање на проекти за јакнење и приспособување на институциите и администрацијата согласно стандардите и системите на ЕУ. Приватниот сектор, односно земјоделскиот сектор доби шанса преку петтата компонента на ИПА, односно ИПАРД-Програмата да може да користи ЕУ-средства, но во целиот овој период од 2007 година провејува фактот дека искористеноста на овие фондови е исклучително мала, што значи дека можноста за стекнување на конкурентски предности и технолошка подготвеност не е искористена.
Од аспект на бизнис заедницата, неопходно е воведување мерки кои ќе значат подигање на продуктивноста и конкурентноста на македонската економија, имајќи предвид дека со самото започнување на преговорите важен фактор ќе биде постоење на активна пазарна економија, способна да го издржи притисокот на конкуренцијата и дејствувањето на пазарните правила во рамките на Унијата. Во таа насока, Стопанската комора на Македонија во интерес на компаниите аплицира и реализира проекти кои, пред сѐ значат зголемување на конкурентноста, технолошката подготвеност и имплементирање на стандардите во одредени сектори. Во рамките на Програмата „Хоризонт 2020“ се реализира проект кој е наменет за јакнење на капацитетите на градежниот сектор, за градење на енергетски ефикасни објекти, преку ИПА-Проект се подобрува конкурентноста на компаниите од електрометалната и машинската индустрија и се креираат мерки за зголемена соработка на овој сектор со странските инвеститори во државата. Комората е партнер и во Проектот ЕЕН, кој е поврзан со 600 вакви центри во земјите од ЕУ и има за цел да им помогне на компаниите да добијат информации за европските пазари и за европската регулатива.
Од друга страна, Коморскиот инвестициски форум кој произлезе од Берлинскиот процес, составен од шесте комори од земјите на Западен Балкан, активно работи на подобрување на регионалната соработка во насока на создавање единствен економски регион, кој ќе биде поконкурентен за настап на европските пазари. Проблемите во интрарегионалната соработка, поради недоследно почитување на одредбите од ЦЕФТА-Договорот сѐ уште се присутни и согласно последните податоци за 2018 година забележан е минимален раст во трговската размена од околу 2%. Од тие причини, Стопанската комора на Македонија побара поддршка од Европската унија за унапредување на процесот на интеграција на регионот како економска област со што сите земји од Западен Балкан ќе имаат заеднички бенефит, имајќи предвид дека секоја од земјите е мала да се справи со предизвикот, вклучувајќи ја тука и Република Северна Македонија.
Јадранка Аризанковска,
виш советник и проектен координатор при Стопанската комора на Македонија