Вчерашното приведување на лидерот на политичката партија ГРОМ, господинот Стевче Јакимовски не е ништо друго, освен одмазда кон политичките неистомисленици и обид за прикривање на актуелните скандали во кои се живи фатени, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
– Приведувањето на лидерот на ГРОМ, господинот Стевче Јакимовски е политичка конструкција со која што Зоран Заев сака да испрати порака дека органите на прогонот се негови инструменти и дека без разлика на доказите и правдата, секој може да биде мета на политички прогон, доколку јавно се осудил да го посочува криминалот на Заев и кликата околу него – вели Димче Арсовски, портпарол на партијата.
Тој посочува дека Јакимовски не се плашел да обелодени дека Зоран Заев на ливче му побарал 250.000 евра и јавно да говори за заканите кои СДСМ му ги упатуваше откако одлучи да се кандидира за градоначалник надвор од партијата на Заев.
– За жал во Македонија нема независно обвинителство и судство. Наместо истрага за криминалите на Заев, гледаме политички спектакли и приведувања. ВМРО-ДПМНЕ најостро ја осудува злоупотребата на државните институции за пресметка со политичките неистомисленици. ВМРО-ДПМНЕ бара да се почитуваат законите и европските стандарди и да запрат политички монтираните случаи – посочи Арсовски.