По седми пат доделени наградите на најмладите за најуспешни творби за финансиска писменост

218

Министерството за финансии во соработка со Народната банка и Агенцијата за супервизија на осигурувањето денеска по седми пат ги доделија наградите на најмладите кои учествуваа на литературниот и ликовниот конкурс за штедењето и осигурувањето.

Според министерката за финансии Нина Ангеловска, финансиската писменост е важна за целото население, а преку вакви конкурси најмладите преку креативни решенија учат за знаењето на парите и за тоа дека секој заштеден денар, е заработен денар.

Посочи дека анализите покажуваат оти кај развиените економии финансиската писменост е два до трипати повисока во однос на економиите во развој. 

 Кај нас, последното мерење кое го направи агенцијата ГФК, покажа дека финансиската писменост на населението има многу простор да се подобрува преку финансиската едукација. Потребно е да се засили финансиската едукација и тоа за сите возрасти со цел – прво да ги ползуваат бенефитите, второ да се засилат механизмите за самозаштита кај самите потрошувачи, врз основа на личното знаење да прават вистинска проценка. Унапредувањето на финансиската писменост е важно за да можат кога зборуваме за кревање на фискална транспарентност, да можат тие податоци да ги разберат, со тоа да го формираат јавното мислење и да вршат и подобрување и притисок кон институциите, за сите заедно да се подобруваме – истакна Ангеловска.

Во Народната банка веќе се работи на првата национална стратегија за финансиска писменост и инклузија која, како што најави гувренерката Анита Ангеловска – Бежовска, се очекува да биде усвоена следната година. Во неа ќе бидат вградени стекнатото искуство изминатите години, препораките на релевантните меѓународни институции и организации и најдобрите практики во оваа сфера.

– Тоа би требало да  претставува една клучна алатка која ќе обезбеди натамошно  зајакнување  на систематизираните и  координирани активности на национално ниво – изјави Ангеловска-Бежовска, посочувајќи дека како институција особен акцент ставаат на младите бидејќи истражувањата покажуваат дека тука има уште простор за подобрување.

Едукативни активности во делот на финансиската писменост спроведува и Агенцијата за супервизија на осигирувањето. Оттаму најавуваат дека до крајот на годината како дел од нивните активности ќе промовираат и интерактивна веб страница за јакнење на свеста за постоењето на ризици.

– Агенцијата  за супервизија на осигурување презема низа едукативни активности преку промовирање на интересни алатки, пред се интерактивни игри, а до крајот на годината ќе биде промовирана интерактивна веб страна со цел јакнење на свеста за постоењето на ризици – истакна претседателот на Советот на експерти од Агенцијата за супервизија на осигурувањето Климе Попоски.

Конкурсот за литературни и ликовни творби на ученици по повод Светскиот ден на штедењето и Денот на осигурувањето се спроведува со цел преку креативно учење да се засилат знаењата на учениците од областа на штедењето и осигуррувањето. На конкурсот годинава се пријавија над 1000 ученици од основните и средните училишта од целата земја. Наградени беа 18, а пофалени 32 ученици.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...