По пропустот со декларациите на вакцините доаѓаат и од „Глаксо Смит Клајн“

1561

Контролите за вакцините МРП со погрешни декларации ќе завршат до крајот на денот, а за тоа кој го направил пропустот ќе каже истрагата. Важно е што по овој случај не се намали имунизирањето на децата против мали сипаници – од почетокот на епидемијата досега се вакцинирани 10 отсто од невакцинираните деца или околу 1.300 деца. Денеска има уште две нови деца од Скопје заразени со морбили кои се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче, по отворањето на првата „Родителска куќа“ наменета за родители чии деца се на подолг престој во болница, а не живеат во Скопје.

Досега има 25 заразени со мали сипаници, меѓу кои се и двајца возрасни скопјани.

Филипче појасни дека контролите на увезените вакцини не биле направени кај нас по увозот, туку во една од четирите лаборатории во Европа, кои вршат биолошки испитувања.

– При увоз, вакцината треба да има сертификат дека е испитана во европска лабораторија, а кај нас овие биолошки анализи не се вршат. Во тек се контролите на МАЛМЕД и на Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Резултатите за овој случај со стари лепенки ги очекуваме во текот на денот. Вакцините се безбедни и со добар рок – рече министерот Филипче и потврди дека наскоро кај нас ќе пристигнат претставници и од белгискиот  „Глаксо Смит Клајн“, компанија производител на МРП вакцините, по грешката со декларациите.

Тој засега смета дека пропустот на дистрибутерот „Македонијалек“ е случаен, а вчера најави дека поради тоа е можно одземање на лиценцата за работа и раскинување на сите договори со оваа компанија.

Вкупно 67 вакцини МРП со погрешни декларации на кои стои дека рокот изминал лани во октомври, како што појаснија вчера надлежните, биле испорачани во 4 здравствени дома во Скопје, Велес, Демир Хисар и во Свети Николе, иако рокот за употреба е до јуни, односно јули оваа година.

Вонредните контроли од пред неколку дена се вршат и во „Македонија лек“, каде по техничка грешка, како што се оправдаа, биле залепени стари декларации, но и во вакциналните пунктови во земјата.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...