Турскиот фудбалер Хакан Шукур, кој до пред три години имаше статус на легенда во својата татковина, сега е „предавник и терорист“ и стравува за својот и животот на неговото семејство. Денес живее во Калифорнија, поседува пекарница каде што и самиот работи.
Пред седум години, Шукур беше член на турскиот парламент и дел од владејачката партија на Реџеп Тајип Ердоган, но во 2016 година се сврти против него и оттогаш неговиот живот се претвори во пекол.
Неговото име е избришано од историјата на турскиот спорт, неговиот татко е осуден на една година затвор, неговиот имот запленет во Турција и за него има меѓународна потерница.
Денес, Шукур живее во малиот град Пало Алто, Калифорнија, каде што отвори пекарница со турски специјалитети, во која и самиот работи.
– Турција е моја земја и го сакам турскиот народ. Државните медиуми сега ја сменија сликата на луѓето за мене, но можеби ќе можам да се вратам таму повторно во иднина – изјави Шукур за „Њујорк тајмс“.
Тој вели дека ако пред две години го поддржал Ердоган, сега би можел да живее добро.
– Веројатно сега ќе бев министер, ако играв според нивните правила, но сега сум овде и на луѓето им продавам храна и пијалаци, вели стрелецот на најбрзиот гол во историјата на светските првенства.
Визата за престој во Америка му истекува во 2020 година, но Шукур засега не бара нејзино продолжување, туку сонува за враќање во неговата земја.
– Верувам дека ќе се вратам еден ден. Темнината не може да трае вечно. Во Америка е поинаку, гледате тука Леброн Џејмс може да го критикува претседателот. Овде можете да кажете што сакате, не можете да го направите тоа во Турција, вели Шукур, додека ги расчистува масите во пекарница, пренесува „Њујорк Тајмс“.
И покрај тоа што има 46 години, Шукур не се откажува од спортот и настапува за аматерски клуб од градот во кој живее. Неодамна постигна 11 гола во еден натпревар и неговата желба е да отвори спортска академија.
– Имам неколку потенцијални инвеститори, но сите се плашат да се сретнат со мене. Јас сум отворен за работа со секого затоа што мислам дека може уште многу да дадам во спортот, вели Шукур, кој секој ден станува во три часот за да биде се подготвено во пекарата пред нејзиното отворање.