Екипите на Град Скопје ја почнаа првата фаза од реконструкцијата на коловозот на улицата Индира Ганди, во општината Шуто Оризари. Оваа значајна сообраќајница ќе се обнови во должина од 1.100 метри, на потегот од раскрсницата со улицата Босна и Херцеговина и булеварот Словенија до улицата Бутелски венец.
– По повеќе децении ќе се реконструираaт коловозот и дел од тротоарите на улицата Индира Ганди со цел да обезбедиме добра инфраструктура за граѓаните, особено во општината во којашто живеат најголем број социјално загрозени лица. Градежните работи овде ќе траат 30 дена, а за овој зафат Град Скопје ќе потроши околу 16 милиони денари. Екипите на Град Скопје деновиве интензивно работат на обнова и на изградба на поголем број градски улици и булевари. Скопје заслужува многу подобра инфраструктура од онаа што ја затекнав кога дојдов за градоначалник и на тоа перманентно ќе работиме. Скопјани заслужуваат многу повисоки стандарди за живеење – рече градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, на почетокот на градежните работи за реконструкција на улицата Индира Ганди.
Тој упати апел граѓаните секојдневно да ги следат информациите за воведување привремен режим на сообраќај што ги објавува Град Скопје и да ја почитуваат поставената патна сигнализација. Шилегов замоли за разбирање додека траат градежните работи за обнова на улиците зашто крајната цел е Скопје да добие функционален, модерен и безбеден сообраќај кој целосно ќе ги задоволува потребите на граѓаните.
На денешниот увид во градежните работи на улицата Индира Ганди присуствуваа и градоначалниците на Општините Шуто Оризари и Бутел, Курто Дудуш и Велимир Смилевски.