По пет години конечно ќе почне судењето за хеликоптерската несреќа кај Струмица

194

Судењето за хеликоптерската несреќа, што се случи на денешен ден пред 5 години околу 22 часот кај Струмица, во Индустриската зона „Север“, ќе почне на почетокот на септември во Основниот суд во Струмица, информираше портпаролката на Основниот суд во Струмица, судијката Цона Каламерникова.

Во несреќата при уривањето на полицискиот хеликоптер загинаа четворица пилоти на Министерството за внатрешни работи, Драган Мицев, Марјан Трајкoвиќ, Тоде Орешков и Иљо Лопатички.

Пет години по несреќата, истрагата заврши со поднесување обвинение од ОЈО Струмица против едно правно лице и директор и одговорно лице. Во април годинава до Основниот суд во Струмица е поднесен обвинителниот акт од ОЈО Струмица, а Советот за оценка на обвиненија на 28 мај го одобри обвинението.

Во хеликоптерот произведен во 2008 година, на 10 јули 2014 година пилотите биле на ноќен лет на релација Скопје-Велес-Неготино-Валандово-Струмица-Берово-Делчево и назад и била користена опрема за ноќно летање.

Во моментот на урнувањето на хеликоптерот од типот Ми-17, со регистарски ознаки МАР 7712, удрил во антенски столб на Македонската радиодифузија, а четворицата пилоти починале веднаш.

Во близина на местото каде се урна хеликоптерот има неколку фабрики, а на сто метри има и бензинска пумпа, но за среќа не се случи поголема трагедија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...