Го гледав некни, минатиот петок, на 1ТВ, разговорот на мојата колешка Јадранка Костова со директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов – човекот никогаш не сум го сретнал во животот, а слушам дека важи за близок на Заев, бидејќи е најзаслужен што во Струмица се донесе гас – како систематично објаснува какво ниво на релативен хаос оставен од претходната власт затекнал во својот ресор, илустрирајќи ги приказните за недоизградените „кинески патишта“ во Македонија со еден куп податоци за корупција, нестручност, лошо работење, уште полошо планирање и изведба, политичка демагогија… И колкав „празен од“ во неговата работа морало да се потроши за расчистување на претходните состојби, за да се стапне врз некакво „цврсто тло“ од кое можело да се продолжи со фактичка градежна работа за завршување на започнатите патни проекти.
Резултат? Сите предвидени рокови се пробиени, финансиските проекции се експлодирани, а пола нација се смее што патот од Штип за Скопје оваа власт три пати го пушта во употреба и тој пак никако да „провози“!
Приказната на Китанов мора да е илустративна за добар дел од секторите, на различни нивоа и во многу области, со кои управува оваа Влада. Но, она што кај овој г. Китанов остава впечаток е големиот вложен труд и упорноста работите да се оправат, без големи фанфари и таламбаси за сработеното. И пак работа има на претек!
Дали е тоа „фото-роботот“ по кој трага Заев за кадровската реконструкција на власта: фати се за работа, не кради, решавај проблеми и не мрчи, оти времето за изговори е поминато?
Кадровската база останата во Македонија со овој можен опис на неопходни работни и карактерни квалитети на кандидати за раководните неколку илјади функции во власта е релативно скромна. Мераклии секогаш има многу, но бројот на квалитетните кои би влегле под постоечките услови да ги решаваат проблемите на нацијата е мал – под тие услови се подразбира да се отепате од работа за скромна државна плата и секојдневно да се борите со „системот“ тој вас да не ве среди наместо вие него… И сите по дома да ги затворат своите фејсбук страни, оти ако кивнете во погрешно време и на погрешно место додека сте на функција, разулавената толпа на социјалните мрежи ќе ве расчеречи и пред да дознае дали кивате од настинка, од алергија или од навика.
Ќе видиме колку последнава политичка и кадровска шок-терапија што ја применува Заев во партијата ќе се спроведе и ќе даде резултати и во државата. СДСМ се бори и со перцепцијата во македонската јавност дека нејзините кадри се, наводно, паметни, но мрзеливи и арогантни; наспроти оние на опозицијата кои, наводно, ги краси поголема послушност и работливост, за сметка на инвентивноста. Демек, едните повеќе седеле по кафиќи и бистреле политика, додека другите меѓу народот решавале проблеми…
А потоа ги чувме прислушуваните разговори и сфативме дека ќе било подобро и вторите да седеле повеќе по кафиќи, наместо што ги решавале, своите, проблеми, до трето колено.
Всушност, и Груевски, како сега и Заев – и двајцата вонсериски воркохолици – своевремено, кон средината на долгиот мандат, посегна по обид масовно да ја разниша својата партиска структура за да се фати за работа, но тоа во ВМРО-ДПМНЕ резултираше само во партиска чистка при која решаваше критериумот на лојалноста кон лидерот (со прислушувана „телефонска“ верификација!), наспроти кон работната етика во комбинација со јавниот интерес. И воспостави систем според кој сите ќе одеа по истиот друм, а патот само тој го знаеше. И видовме како тоа заврши.
И Заев е сега влезен во истиот социјален експеримент, на пат да утврди дали системот ги прави луѓето или луѓето можат да го сменат системот? Односно, дали вистинските луѓе можат да го променат погрешниот систем? Лабораторијата се вика Македонија.
Извор: Цивил медиа