Барање за разрешување на судијката Добрила Кацарска, која ја донесе пресудата за случајот „Тенк“ на СЈО, стигнало до Судскиот совет.
Барањето е поднесено од странка на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која во предметот доби затворска казна од шест години, а потоа Апелација ѝ ја намали на четири.
Во Судскиот совет велат дека официјални информации за евентуална ваква претставка може да се знаат во текот на наредната недела бидејќи еден од членовите во моментов е на одмор.
Ова не е првпат Јанкулоска да се жали на Кацарска. Додека траеше судењето, таа и нејзините адвокати поднесуваа претставка до Комисијата за заштита од дискриминација. За претставката Комисијата, која сѐ уште е во стариот состав на чело со Александар Даштевски, одлучи дека судијката ја дискриминирала тогаш обвинетата.
Во одлуката беше наведено дека Кацарска ја депривилегирала и изложила на деградирачки однос Јанкулоска врз основа на пол и политика припадност при што дошло до вознемирување со повреда на достоинството и се создало понижувачка состојба, а имаше и забелешки за често закажуваните рочишта по породувањето на ексминистерката.
Одбраната на Јанкулоска, исто така, бараше и судијата на Кривичен, Иван Џолев да ја изземе Кацарска, но тоа беше одбиено.
Инаку, пресудата за ексминистерката стана правосилна, но таа бараше да се одложи одењето во затвор, а судот прифати бидејќи нејзиното дете сѐ уште не наполнило една година. Упатниот акт за во затвор на Јанкулоска е за 1 јули.
Паралелно, таа преку вонреден правел лек бараше од Врховен да ја преиспита пресудата за „Тенк“. Највисокиот суд веќе го разгледува предметот, па ако до крајот на месецот одлучи да го врати предметот на повторно судење, тогаш поранешната министерка може и да не замине во затвор.