Крушево од денеска до 10 февруари ќе биде домаќин на Фестивалот на отворено „When in Krusevo – WInter is here“ („Кога си во Крушево – зимата е тука“).
Овој уникатен „outdoor“ фестивал на сите гости-учесници ќе им понуди многу авантура, вкусна храна и забава.
Според програмата, денеска се очекува пристигнувањето и пријавувањето на учесниците на Фестивалот во „Параглајдинг инфо Центарот“ во Крушево кои ќе имаат заедничка вечерна забава.
В сабота учесниците ќе се соберат на Гумење, пред Спомен-куќата на Тоше Проески. Од 10 часот ќе почне рекреативната планинарска тура од околу пет километри со попатни паузи во „Adventure park – Корија“ и во Ски-центарот „Станич“. Со жичарницата учесниците ќе се спуштат во Крушево каде попладнето ќе има дегустација на крушевски специјалитети.
В сабота од 21,30 часот е забавата со групата „The Hounds“.
В недела ќе има прошетка низ крушевските улици, а од 10 до 14 часот ќе се одржи зимски тандем параглајдинг.
Според крушевскиот градоначалник Томе Христоски, ваквите настани ја придвижуваат локалната економија, но и ја збогатуваат туристичката понуда на Крушево.
– Овој настан ќе ја придвижи локалната економија, дополнително, со самото тоа што издавачите на соби, рестораните, пицериите и кафулињата се дел од настанот – вели Христоски.
Фестивалот „When in Krusevo“ неколку години по ред се одржува во летниот период, а со ова прво зимско издание се воспоставува нова традиција.
Летото имаше гости-учесници од повеќе земји од светот.