Скијачката сезона на Попова Шапка почнува од утре, а традиционално скијањето на првиот ден е бесплатно за сите посетители, информираат од ЕЛЕМ Турс.
– Скијачкиот центар е целосно подготвен и екипиран за непречено и безбедно функционирање на ски-терените. Спроведени се редовните технички подготовки и активности за почеток и тек на новата ски-сезона, извршено е обележување на постојните патеки, а скијачките терени се подготвени со помош на машините за подготовка на скијачките патеки. За утрешното скијање во функција ќе биде ставена жичарницата – „Церипашина“ и ски – лифтовите „Аеродром“ и „Ге“. Нивниот капацитет изнесува околу 1.800 скијачи за еден час – велат од ЕЛЕМ Турс.
Од сезонава како новина, додаваат, на сите патеки ќе има електронски ски билети со што се очекува намалување на метежот на жичниците и ски лифтовите.
– За двоседот „Св. Илија“ во тек се финалните работи од завршната фаза по инсталирање на опремата за контрола и управување на жичницата. Оваа жичница ќе биде ставена во функција дополнително – порачуваат од ЕЛЕМ Турс.