Почнува изградбата на новиот објект за криминалистичко-технички испитувања и вештачења со современа форензичка лабораторија на Министерството за внатрешни работи што ќе се реализира во текот на наредната 2020 година. Проектот се реализира во рамки на ИПА програмата од 2016 година, а веќе се издвоени потребните над три милиони евра.
– Станува збор за објект што ќе биде опремен согласно сите најнови европски полициски стандарди во доменот на крим-техниката, односно форензиката и ќе биде предаден во функција за потребите на одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења на МВР, или попластично кажано, објект што реално претставува есенција во полициско издржителската дејност, така што со право очекуваме во голема мера да се подигнат на уште повисоко ниво не само професионалните стандарди, туку и конкретните ефекти на овој дел од оперативното полициско работење, појасни министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој денеска присуствуваше на отпочнувањето на градежни работи за изградба на новиот објект.
Тој информира дека во рамки на ИПА програмите за 2013 и 2014 година во делот за набавка на опрема за институции во областа на правда и внатрешни работи, како и во делот на натамошното јакнење на капацитетите за истраги на место на настан, изминатите три години ги релизирале базичните претпоставки во насока на квантитативно и квалитативно унапредување на овој домен.
– Освен технички, значајно беше модернизирана оваа организациона единица преку набавка на современа опрема за одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења вредна речиси еден милион евра. Истовремено преку конкретни и сеопфатни обуки минаа 170 инспектори и крим-техничари за вршење на истраги на место на настан од сите сектори за внатрешни работи на МВР, рече Спасовски.
Согласно ИСО стандардот 17020 од 2012 година, вели Спасовски, биле изготвени и 12 нови стандардни оперативни процедури за увидните екипи, како и стратегија за натамошно зајакнување на капацитетите на увидните екипи за вршење на истраги на местото на настанот на регионално и на локално ниво.
– Ние денеска отвораме ново исклучително значајно поглавје во хронолошкиот развој на службата за криминалистичка техника, реално очекувајќи дека тоа ќе има свои конкретен одраз не само во поквалитетното работење на одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења, хармонизирано со најдобрите европски и светски полициски практики и искуства, туку и на сите други организациони единици на полицијата чија работа е во тесна спрега со овој оддел, посочи Спасовски.
Тој вели дека придобивките од новиот објект ќе имаат своја позитивна рефлексија и во правосудниот систем, во смисла на поквалитетни услуги на делот на вештачење чии постапки ги водат судовите и обвинителствата, а и за граѓаните како крајни корисници на услугите, додавајќи дека ефикасноста и ефективноста на судските постапки во голема мера зависат и од навремено, квалитетно и стручно спроведување на потребните анализи и вештачење.
Премиерот Зоран Заев, пак, вели дека со овој настан се отвора нова страница во историјата на службата за криминалистичка техника во нашата држава.
– Го фаќаме чекорот со современите постапки во оваа сфера и нивната хармонизација со најдобрите европски практики и стандарди. Овој историски момент за нашата форензичка служба се поклопува со уште еден друг многу важен процес кој се спроведува во одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења, а тоа е акредитација на форензичките лаборатории. Системот за квалитет кој е имплементиран во овие лабораторрии е успешно унапреден согласно барањата на новата верзија на ИСО стандардите од страна на Институтот за акредитација на Република Северна Македонија, рече Заев.