Почнува граѓанската кампања „Зачекори напред! Изборот е твој“

236

Граѓанската иницијатива „Зачекори напред“ започнува информативна кампања преку која, во наредните три недели, на граѓаните ќе им овозможи подобар пристап до релевантни информации поврзани со придобивките и предизвиците од зачленувањето во Европската Унија и НАТО.

Под слоганот „Зачекори напред! Изборот е твој“, граѓанските организации носители на иницијативата, преку серија јавни и медиумски активности, ќе се обидат на граѓаните, да им ја доближат Европската Унија и нејзините политики, како и да одговорат на бројните прашања поврзани со тоа што треба да направи Македонија на патот кон ЕУ и НАТО и што ќе добие со евроатланската интеграција.

Кампањата ќе се одвива на национално ниво и ќе содржи различни аудио-визуелни материјали (ТВ спотови, анимации, фото факти и др.) кои ќе се објавуваат на телевизиите, радио станиците, социјалните мрежи, а ќе бидат поставени и билборди. Истовремено ќе се организираат низа медиумски и јавни дебати, директни средби со граѓаните, промоции на книги и др.

Во рамки на кампањата ќе бидат објавени и две изданија на весникот „ЕУрека“, кој ќе биде бесплатен и ќе биде достапен на најфреквентните места низ државава. Редакцијата на весникот ја сочинуваат познати новинарски имиња (Сашо Кокаланов, Ида Протуѓер, Среќко Поповски, Владимир Мирчески, Горан Наумовски и Јован Постолоски). Првиот број на „ЕУрека“ е објавен денеска, а вториот број ќе биде објавен после 22 септември. Весникот има македонска и албанска верзија, со вкупен тираж од 55.000 примероци. Електронската верзија на „ЕУрека“, како и сите информации и материјали поврзани со кампањата се достапни на интернет страницата: www.zacekorinapred.mk.

Носители на граѓанската иницијатива се: Фондација Отворено општество – Македонија, Хелсиншки комитет за човекови права на РМ, Евротинк – Центар за европски стратегии, НВО Инфоцентар, Младински образовен форум (МОФ), Цивил – Центар за слобода, ЕСЕ – Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, Рурална коалиција, Асоцијација за здравствена едукација и истражување – ХЕРА и Центар за современи уметности.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...