Викендов во основното училиште „Петар Поп-Арсов“ во скопски Карпош започна снимањето на новата телевизиска серија „Зоки Поки“, модерна екранизација на култното дело на писателката Оливера Николова.
– После повеќемесечни подготовки конечно дојдовме до највозбудливиот дел – снимањето. Целата екипа е многу среќна што работи на оваа серија. Прекрасно е да се работи со деца. Верувам дека ќе направиме серија која ќе ја сакаат децата, но и родителите – вели Роберт Насков, продуцентот на серијата.
– Верувам дека спојот на она што мојата генерација го наследи од генерацијата на нашите родители ќе успееме да го пренесеме на нашите деца. Зоки Поки носи покрај забавен карактер и една длабоко хумана порака. Преточена во модерен јазик мислам дека една серија со приказни од животот на ова момче може да фрли едно топло светло врз телевизиската програма – вели режисерот на серијалот, Александар Поповски.
ТВ серијата за најпознатиот македонски детски лик ја режираат Александар Поповски и Марија Апчевска, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ, а e во продукција на Кино Око, каде како главен продуцент се јавува Роберт Насков. Предвидено е снимање на десет епизоди според внимателно одбрани теми и приказни од книгата со која имаат израснато многу генерации.
„Зоки Поки“ е прв заеднички проект на Поповски и Насков по филмот „Балканот не е мртов“ во 2013 година. Последен ТВ проект на Насков и „Кино Око“ е ТВ-серијата „На терапија“, која е првата македонска ТВ серија снимена според странска лиценца.
Кастингот за новите детски ѕвезди се одржа во мај и беше исклучително популарен – се пријавија повеќе од 200 кандидати за улогата на Зоки Поки и неговата дружина. Од продукцијата велат дека имале тежок предизвик пред себе, но на крај се задоволни од направениот избор, а јавноста дополнително ќе ја информираат за актерите кои ќе ги толкуваат улогите на Зоки Поки, Лидија, Боки, Гоки и сите останати ликови.
– Денешниот Зоки Поки ќе биде соодветен на времето во кое живееме по форма и естетика, но вредностите и пораките проткаени низ неговите авантури ќе останат чисти и недопрени, со верба дека ќе успеат да го пронајдат патот до срцата и на генерациите што доаѓаат – велат од Кино Око.
Снимањето на 10-те епизоди на „Зоки Поки“ ќе трае до 13 септември на повеќе локации во Скопје.
Фото: Драгица Николовска