Почна реконструкцијата на улицата Ѓорче Петров

176

Екипите на Град Скопје ја почнаа реконструкцијата на улицата Ѓорче Петров на потегот од општинската зграда до бензинска пумпа на  Макпетрол. Увид во градежните работи на оваа делница денеска изврши градоначалникот Петре Шилегов, информира Градот.

– Денеска ја почнувме реконструкцијата на коловозот на дел од улицата  Ѓорче Петров во должина од околу 1.500 метри. Градежните работи очекуваме целосно да ги завршиме пред крајот на летото, со цел овој сериозно оштетен коловоз да го ставиме во функција на граѓаните пред почетокот на новата учебна година, а тоа значи и да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот. За реализација на оваа реконструкција од буџетот на Градот се издвоени околу 50  милиони денари – изјави Шилегов.

Тој додаде дека реконструкциите на сите улици оваа градежна сезона Градот Скопје ги завршува со рекордно кратки рокови со цел да  се обезбедат  услови за одвивање на сообраќајот без создавање на сообраќаен метеж.

При реконструкцијата на улицата Ѓорче Петров, која е една од најфреквентните улици во овој дел на градот, ќе се изврши целосно стружење на горниот оштетен слој на коловозот до 20 сантиметри на површина од 21.240 квадратни метри и ќе  се нанесе нов асфалтен слој.

Во текот на летото ќе продолжат реконструкциите на повеќе булевари и улици во надлежност на Град Скопје. Поради тоа, Шилегов уште еднаш ги замоли граѓаните, за разбирање додека траат градежните активности. Исто така, тој упати апел до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената патна сигнализација и на дневна основа да ги следат информациите за привремен сообраќаен режим што ги објавува Град Скопје.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...