Во дворот на средното училиште „Михајло Пупин“ денеска почна да се гради полигон за тренинг на електромонтери и електротехничари, со поддршка на ЕВН Македонија и на Град Скопје.
На почетокот на градбата присуствуваа претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Штефан Петер, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, градоначалниците на Град Скопје и на Гази Баба, Петре Шилегов и Борис Георгиевски, и директорот на „Михајло Пупин“, Димитар Ѓорѓиев.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми изрази благодараност до компанијата ЕВН која, како што рече, е наш долгодишен партнер во процесот на образованието.
– Наш стремеж како МОН е што повеќе да се спроведува концепот на дуално образование, кој почна со имплементација токму со компанијата ЕВН и е во насока да имаме кадар кој ги задоволи потребите на пазарот на трудот – рече Адеми. Тој додаде дека во средното стручно образование се во процес на модернизација на наставните планови и програми, имајќи ги предвид барањата на бизнис заедницата.
Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија Штефан Петер изјави дека учениците учат нешто што можат да го користат понатаму во животот и тоа го прави ова средно училиште поинакво од другите.
– Нашиот систем има три чекори. Прво тие треба да ја научат теоријата и теоријата за безбедноста при работа. Вториот чекор е кога треба практично да ги учат овие работи и токму затоа го конструираме овој терен, каде ќе можат да ги испробаат реално работите кои теоретски ги научиле. Последното ниво е излегувањето на терен, на вистинската работа, со нашите монтери кои не се само монтери туку добија и соодветно знаење да бидат и ментори на овие деца – рече Петер.
Според нивното искуството од Австрија, каде веќе се обучени 10 илјади ученици на овој начин, тој е убеден дека учениците ќе најдат работа во ЕВН или во друга енергетска компанија и оти ќе бидат платени од првиот ден. Додаде дека се отвора можност овие деца да останат во државата и да најдат работа што ќе ги одржи тука.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов истакна дека полигонот ќе помогне во покревање на квалитетот на практичната настава. Со изградба на полигонот, како што рече, ќе се овозможи делот од практичната настава што досега се изведуваше во компаниите, да се изведува и на полигонот во кругот на училиштето, на начин што ќе симулира работа во реални услови.
Директорот на „Михајло Пупин“ Димитар Ѓорѓиев изрази надеж дека ќе бидат добар пример и во останатите училишта во Скопје и во државата и оти ќе се отворат уште вакви паралелки каде ќе можат учениците да ја пронајдат својата иднина.
Тој изјави дека интересот за оваа струка е се поголем и во прва година се запишани 21 ученик, а во втора година има два класа, тоа се околу 34 ученици. Изрази надеж дека со добра промоција на училиштето и со поддршка од МОН, Град Скопје и ЕВН дека следната учебна година ќе запишат три паралки во овој профил.