На Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство денеска почнува првата од неколкуте планирани обуки на мултидисциплинирани тимови од гинеколози/акушери, неонатолози и акушерки за ефективна перинатална грижа на здравствени работници согласно најновите протоколи и стандарди на Светската здравствена организација.
Обуките се одржуваат во рамки на партнерството на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА со Владата за намалување на мајчината и новороденечка смртност, соопштија од Министерството за здравство.
– Пред неколку месеци, токму тука, со поддршка на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, и на меѓународни консултанти на Светската здравствена организација, здравствени работници (гинеколози/акушери, неонатолози и акушерки) се обучија со примена на стандарди и упатства на СЗО – изјави на отворањето директорката на Клиниката, Викторија Јовановска.
Таа додаде дека денеска токму тие обучувачи ја почнуваат првата од неколку планирани обуки, што ќе се одржат во родилиштата низ Македонија, и оти придобивките од оваа обука веќе се гледаат, бидејќи дел од обучувачите кои биле дел од оваа Клиника ги применуваат овие практики, кои придонесуваат за намалување на негитивните исходи по новороденечкото здравје.
Специфичност на обуката е што ќе се работи во мултидисциплинарни тимови сочинети од три профили на здравствени работници – гинеколози/акушери, неонатолози и акушерки, за да се стекнат со најновите знаења и вештини базирани на докази, а се состои од теоретски и практичен дел.
Оваа обука во која ќе учествуваат 24 медицински лица, и сите активности понатаму имаат за цел периодот пред и околу породување да го направат побезбеден за мајката и новороденчето, односно грижата за бременоста и породувањето да се базира на еден сеопфатен пристап со акцент дека бременоста и породувањето е важно лично, семејно и социјално искуство.
Средствата за имплементација на ова партнерство се обезбедени со подеднакво учество на Владата и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), а е во функција на приоритетите на Владата и Програмата на УНФПА во нашата држава за периодот 2016-2020.
– Обуката е една од клучните од аспект на грижата на мајката и новороденчето пред и по породувањето. Затоа таа се прави во мултидисциплинарни тимови, а најбитно е што се применуваат практиките базирани на докази – истакна Афродита Шаља Плавјанска, програмски аналитичар за сексуално и репродуктивно здравје и млади од УНФПА.
Таа додаде дека по завршувањето на обуката ќе се прави мониторинг на спроведените практики. Покрај обуките се предвидува интензивна комплементарна поддршка која ќе се состои од менторство при спроведување на стекнатите знаења од обуката, а се однесуваат на перинатална грижа, адаптација и примена на протоколи, акредитација на материјали за обука кои ќе се вклучат во континуираната медицинска едукација на гинеколозите, неонатолозите и акушерките како и јакнење на свеста кај жените и нивните семејства за знаците за опасност во текот на бременоста и породувањето.