Почитувањето на човековите права е обврска на државата, бизнисмените и на вработените

„Конференцијата за бизнис и човекови права“ покажа дека се потребни континуирани напори за зајкнување на свеста и капацитетите за имплементација на ВПОН кај сите релевантни чинители (државните органи, бизнисите, организациите на работодавачи и работници, граѓанските организации и граѓаните) во насока на создавање клима на транспарентност, отчетност и одговорност.

81

Во рамките на проектот „Поттикнување на принципите за бизнис и човекови права“, денеска во хотелот „Арка“ се одржа национална „Конференција за бизнис и човекови права“. Осумдесетина претставници од стопанските комори, компании, граѓанските организации и меѓународни експерти заклучија дека имплементацијата на Водечките принципи за бизнис и човекови права на ОН (ВПОН) во политиките и работењето на бизнисите во голема мера зависи од создавањето на поттикнувачки услови од страна на државата и од напорите на бинисите и нивните организации. За посветеноста на државата кон човековите права и нивната поврзаност со ЕУ интеграциите говореа министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и висок претставник на Делегација на Европската Унија во Република Северна Македонија, Вирве Вимпари.

Во своето обраќање, Никица Кусиникова, извршна директорка на Здружението Конект, рече дека ново поглавје во начинот на кој компаниите ширум светот го водат својот бизнис почна во 2011 година кога Обединетите нации ги усвоија Водечките принципи за бизнисот и за човековите права.

– Додека претходно државата ја имаше примарната улога во почитувањето на човековите права, сега е општо прифатено дека компаниите имаат подеднаква одговорност да ги почитуваат во сите сегменти на рботењето, од вработените, потрошувачите, синџирите на снабдување, заедницата во која што работат. Во нашата земја рамката за бизнисот и човековите права е многу малку позната па преку оваа иницијатива сакаме нашите компании, иниституции и други чинители да ги вклучиме во глобалните текови – рече извршната директорка на Конект, организација која што долги години работи на поттикнување на општествената одговорност.

Отворено се дискутираше за имплементацијата на ВПОН во јавните политики на државата и во внатрешните политики на компаниите. Покрај тоа беа споделени наодите од истражувањето „Почитување на човековите права во бизнис секторот“ од коешто произлегува заклучок дека компаниите повеќе декларативно се грижат за човековите права во обемот во кој тоа го налагаат правните прописи, додека е сѐ уште мал бројот на компании, коишто имаат направено обид за интегрирање на ВПОН во своите интерни политики и спроведуваат претходна проверка на човековите права. Во пракса мал број компании применуваат суштински приод кон заштитата на човековите права. Само 28,8% од вклучените компании прават проценка на ризиците поврзани со човековите права, а 13,6% потоа преземаат некаков обмислен пристап во оваа насока.

На конференцијате се споделија најдобрите приоди на локално и меѓународно ниво од домашни и странски бизнис претставници и експерти. Говореше Мариа Алексиу, директорка за општествена одговорност од Групацијата Титан- Грција, а гостин говорник беше и Звездана Олујиќ од канцеларијата на ILO (Меѓународната организација на трудот) за Централна и Источна Европа.

– Работодавачите треба да ги искористат ВПОН и добрите практики што ни беа пренесени како платформа за развивање на својот бизнис – истакна Миле Бошков, претседател на Бизнис Конфедерацијата.

„Конференцијата за бизнис и човекови права“ покажа дека се потребни континуирани напори за зајкнување на свеста и капацитетите за имплементација на ВПОН кај сите релевантни чинители (државните органи, бизнисите, организациите на работодавачи и работници, граѓанските организации и граѓаните) во насока на создавање клима на транспарентност, отчетност и одговорност.

„Конференцијата за бизнис и човекови права“ се организираше во рамки на проектот „Поттикнување на принципите за бизнис и човекови права“ финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Конект во партнерство со Бизнис Конфедерација.

Резиме од истражувањето може да се види на следнив линк: http://konekt.org.mk/wp-content/uploads/2019/03/Izvrsno-Rezime-MKD.pdf

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...