Почина сценаристот на „Среќна Нова 49“, „Дом за бесење“, „Камионџии“…

Гордан Михиќ беше редовен професор на Факултетот за драмски уметности во Белград, каде предаваше филмско сценарио. Од неговото перо излегоа некои од најпознатите филмови и серии на југословенската и српска кинематографија.

1229
Прославениот српски сценарист и драмски писател, Гордан Михиќ почина на 11 август на 80-годишна возраст. Веста за смртта на Твитер ја објави неговата ќерка, актерката Ивана Михиќ. Гордан Михиќ починал рано наутро по ненадејно заболување.

Гордан Михиќ беше редовен професор на Факултетот за драмски уметности во Белград, каде предаваше филмско сценарио. Од неговото перо излегоа некои од најпознатите филмови и серии на југословенската и српска кинематографија, меѓу кои се: „Немањичи“, „Ранета земја“, „Лажливо лето ’68“, „Камионџии“, „Дом за бесење“, „Балкан експрес“, „Дојде време да се проба љубов“, „Јагуаров скок“, „Сивиот дом“, „Кога ќе бидам мртов и бел“, „Заборавени“, „Танго Аргентино“, како и македонскиот филм на режисерот Столе Попов, „Среќна Нова 49“, за кој во 1986 година ја доби Златната арена на филмскиот фестивал во Пула.

Добитник е на наградата „Кристална призма“ за севкупен придонес кон српскиот филм и на „Златен печат“, престижната награда што ја доделува Југословенската кинотека.

При доделувањето на оваа награда во 2013 година, тој истакнал дека за него Кинотеката била еден вид мајка.

„На мојата генерација Кинотеката ѝ беше единствената училница“, рече тогаш Михиќ, додавајќи дека благодарение на Југословенската кинотека, учел од такви великани какви што се Виторио де Сика, Џон Форд, Акира Куросава, Луис Буњуел…

Тој беше во брак со актерката Вера Чукиќ, со која ја има ќерката Ивана.

Извор: Окно

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...