Тања Џонс почина на возраст од 54 години во нивниот дом во Лос Анџелес. Таа зад себе ги остави сопругот Вини Џонс и двете деца.
– Тања почина во мир во семејниот дом опкружена со Вини, нивната ќерка и другите членови на семејството – рекол менаџерот на актерот.
Вини откри во 2013 година дека и Тања и тој страдаат од меланом, најтежок тип на рак на кожата. Тања, која била подложена на итна трансплантација на срцето со само 21 година, веќе била лекувана двапати од рак на грлото на матката.
Вини пронашол грутка под окото и испитувањето покажало дека има малигнен меланом. Тања го открила истото и заедно се бореле против подмолната болест.
„Тања е болна веќе извесно време, но во последните две или три недели нејзината состојба многу се влошила“, пренесуваат британските медиуми.
Вини и Тања се венчале во Вотфорд во 1994 година. Тие се преселиле во Лос Анџелес, кога Вини одлучил да ја продолжи кариерата во глумата.
Тоj дебитираше во 1998 година во филмот „Две зачадени двоцевки“ на Гај Ричи, во кој глумеше мафијаш.
Тој, исто така, се појави и во филмовите како „Snatch“, „Mean Machine“ и „X-Men: The Last Stand“.
Наесен требаше да биде дел од „Celebrity X-Factor“, но поради трагедијата што го задеси, не се очекува дека ќе се појави.
FOTO:Printskrin/www.thesun.co.uk