Владимир Буковски, истакнат дисидент и руски борец за човекови права, почина на 77-годишна возраст, во болница во Кембриџ.
– Буковски почина синоќа од срцев удар по долг период боледување, во Кембриџ, Англија, каде што живееше кога беше депортиран од Советскиот Сојуз во 1976 година, соопшти Центарот „Буковски“ на својата веб-страница.
Центарот, со седиште во САД, соопшти дека Буковски бил во лоша здравствена состојба неколку години.
Тој поминал 12 години во советските затвори или психијатриски болници поради остри критики кон комунистичката влада и стана симбол на советското прогонство на оние што покажуваат несогласување.
Во 1971 година Буковски шверцувал материјали што покажувале како комунистите ја употребале психијатријата за казнување дисиденти и бил осуден на седум години затвор.
Во Велика Британија во 2015 година е обвинет за создавање и поседување детска порнографија. Тој ги негираше обвинувањата, но подоцна беше прогласен за премногу болен за да може да му се суди.
Фото: EPA/SERGEI CHIRIKOV