Вчера во Скопје почина проф. д-р Димче Најчески (1925-2018), професор во пензија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, последен претседател на здружението „Голи Оток“ во Македонија.
Димче Најчески беше борец против фашизмот, партизан, голооточанин, професор, научен работник, публицист и политички активист.
Во својата богата едукативна кариера како професор на Педагошкиот факултет во Скопје, учествува во градењето на првите наставни капацитети во Република Македонија. Како научен работник има објавено повеќе анализи на фолклорната традиција во Македонија и пред сè богатото наследство на јуначки и борбени народни песни.
„Мартолозот – Сердарот од Григор Прличев“, „Ликот на Гоце Делчев во македонската народна поезија“, „Илинденското востание“, „Епската идеализација во јуначките народни песни“, се само дел од богатиот научен опус на професорот Најчески.
Како публицист има објавено повеќе написи, дебати, анализи и секако единствена збирка на записи од „Голи оток“ под наслов „Голооточки сведоштва“.
Сведоштвата за едно бурно време ги има вклопено во анализите на делото на Венко Марковски и посебната книга за Кочо Рацин.
Како политички активист тој е иницијатор за рехабилитација на затворениците од Голи Оток.
Како граѓански активист до крај се бореше за рушење на секој режим кој наликува на фашизам.
Посмртните останки на професор Димче Најчески ќе бидат изложени утре (сабота) во капелата на гробиштата „Бутел“ во 11 часот, а погребот ќе биде во 12 часот.