На 76 години денеска во Скопје почина познатиот филмски режисер Кирил Ценевски, кој зад себе остави многу култни македонски филмови.
Кирил Ценевски по многу параметри е единствена појава во македонската кинематографија. Контроверзноста слободно може да фигурира како негово средно име. Уште со првиот филм, „Црно Семе“, ги освои не само најбитните награди на фестивалите во тогашна Југославија, туку е и прв македонски игран филм кој учествувал и бил наградуван на интернационални филмски фестивали.
Роден е во Крива Паланка, 28.1.1943 година. Филмски режисер и сценарист, студирал на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје.
Првпат на игран филм професионално е ангажиран како асистент на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот „Цената на градот“. Во 1971 година Ценевски го режира филмот ЦРНО СЕМЕ, за којшто добива повеќе награди: Златна арена за режија на фестивалот во Пула, Златен венец за најуспешен деби, 11 Октомври и други.
Друштвото на филмските работници на Македонија испраќа последен поздрав за еден од најголемите филмски автори од Македонија – Кирил Ценевски, соопштија вечерва од Друштвото.
Погребот ќе се одржи утре (18.06.2019г), на Градските гробишта Бутел од 11:00 часот.