Во Загреб, во средата вечер во 87. година од животот почина Бранко Лустиг, најпознатиот хрватски филмски продуцент и освојувач на два оскари за филмовите „Шиндлеровата листа“ во 1993 година и „Гладијатор“ во 2000 година. Тој е двоен добитник и на наградата Златен глобус за наведените филмови.
Бранко Лустиг е роден во Осијек во 1932 година. Поради еврејското потекло во текот на Втората светска војна бил заробеник во злогласните концентрационите логори Аушвиц и БергенБелсен. Повеќето членови од неговото семејство исчезнале во концентрационите логори ширум Европа, вклучувајќи ја и неговата баба која била убиена во гасна комора и татко му кој бил убиен во Чаковец.
Иако многу млад, успеал да ги преживее ужасите на логорите, а на денот кога бил ослободен имал само 30 килограми. Неговото искуство од логорите е вградено во „Шиндлеровата луста“, филмот на Стивен Спилберг, на кого му помогнал уверливо да ги прикаже мачните сцени од концентрационите логори.
Дипломирал глума на Академијата за драмски уметности во Загреб, а истата година ја започнал професионалната кариера во Јадран филм.
По „Миротворецот“ со Никол Кидман и Џорџ Клуни почнал да работи со Рдли Скот, со кого, по освоениот оскар за „Гладијатор“, соработувал на филмовите „Ханибал“, „Падот на Црниот јастреб“ „Кралството небеско“, „Добра година“ и „Американски гангстер“.
Бил вклучен во речиси сите странски филмски продукции во поранешна Југославија. Од филмовите и сериите на кои работел во тоа време, најзначајни се „Изборот на Софија“, „Лимениот барабан“, „Ветришта на војната“…