Самоил Малчески
Деновиве се актуелни претседателските избори во Република Македонија, со нив и прогнозите или проценките дали ќе има цензус и кој ќе биде следен претседател.
Па во суштина без многу да размислувам уште на самиот почеток со сигурност можам да кажам дека на 5 -ти мај ќе има цензус и ќе имаме претседател и тоа за прв пат во историјата ќе имаме жена претседател.
Претседател ќе биде Гордана Силјановска Давкова, се разбира доколку најавата дека ДУИ ќе испорача 80.000 гласа за Пендаровски не значи масовно полнење на кутии, гласање под притисок и изборен инжинеринг на власта.
Да почнеме од владеjачката, „најголема“ партија. Резултатите од првиот круг се очекувани. Нивниот пораз е во разобличувањето на максимата „едно општество за сите“. Овие две години покажаа дека во суштина оваа максима значела власт за малкумина, да бидам попрецизен, власт само за „лидерот“ и неговиот круг на горди послушници. Нејсе, незадоволството е многуслојно.
Прво, недемократската и лоша атмосфера која владее во СДСМ, а е базирана на лошите партиски акти кои беа донесени од актуелното раководство. Делегатскиот принцип беше заменет преку ноќ, па така место по принцип на парламентарно гласање, разговарање, предлагање и избор на идеи, решенија и кандидати, ова раководство реши на султански-намеснични начин да ја угнетува демократијата во самата партија, претварајќи ја од социјал-демократска во партија која наликува на онаа против која наводно се бореа, т.е. „една фамилија за сите“.
Второ, интровертно нервозниот губитнички кандидат Стево Пендаровски. Со сигурност можам да кажам дека е врв на лошата кадровска политика на ова раководство на СДСМ. Вметнат „вмровец“ од времето на Доста Димовска и Борис Трајковска, па измеќар на Бранко Црвенковски, јас тоа го викам бришач на прашини по кабинети, попознат во јавноста како советник. Ова со кран донесено решение е само потврда за анемичната политика и немањето лична храброст и мудрост. Потврда за султан-намесничката политика која ја води ова раководство на СДСМ.
Трето, може најсуштински за поразот се кантра-тропа кадровските решенија на уште еден докажан лузер во политиката, а тоа е Радмила Шекеринска. Вистинските социјалдемократи ги заменуваат со горди послушници и измеќари, луѓе премачкани со сите бои. Па оттука и не е чудно што се, буквално се, застана во државава, добро де освен непотизмот, корупцијата, местењето на тендери, криминалот и се она против што наводно се бореа и протестираа по улици. Доказ за ова е и недвосмислената порака на двоецот Меркел-Макрон, кои за почнување на преговорите со ЕУ бараат вистински реформи, а не ефтина политичка пропаганда и сервилност кон Република Грција, со што сопствената држава ја понижија на начин кој не е виден во човековата историја. Можда некој ќе каже дека пораката е закаснета, но да се надеваме дека истата ќе допре до граѓаните на Република Македонија и дека нема повеќе да наседнуваат на лагите на оваа криминализирана власт.
Четврто, толку се занесоа што мислат дека се во СДСМ почнува со нив, па преку ноќ откако ја узурпираа партијата ги избришаа истакнатите партиски поранешни функционери кои се многу поспособни и поуспешни од пропаднатите поранешни функционери на Груевски кои моментално им се партнери и советници.
Го заборавија дури и според нив архитектот на Македонија, а тоа е Киро Глигоров. Името не му го спомнуваат, а камо ли да направат нешто во негова чест. Фондацијата Киро Глигоров е мртва и тоа е најголем доказ за какви вредности се залага ова раководство на СДСМ. Тука, до крај да бидеме искрени, го заборавија и Бранко Црвенковски. Освен она ми даде подршка по телефон, што личи на онаа позната максима „си намигнавме“ името не сакаат да му го спомнат, а ги направи луѓе!
Замислете да го кандидираа Владимир Глигоров, според мене единствениот човек кој во овој момент можеше да ја обедини СДСМ и да и нанесе сериозен пораз на опозицијата! Но времето поминува, а навиките не се менуваат! Кој ли во СДСМ се плаши од професионалци, реализирани и искусни луѓе?
Нејсе, врвот на СДСМ го одработи своето, спротвино на јасно изразената волја на мнозинството Македонци, административно го смени името и идентитетот. Толку! Изгубија на 21 -ви април, ќе изгубат и на 5 -ти мај. Покрај Пендаровски, вистински губитник е и Зоран Заев. Приказната за метлата е фарса која нема ништо добро да ѝ донесе на Република Македонија! Со фудбалски жаргон, кога некој тим катастрофално губи, се менува тренерот, а не неколку играчи кои цело време седеле на клупата за вечити резерви. Очигледно 11 години опозиција им беа малку, не научија ни една лекција.
Од друга страна, БЕСА и Алијанса се легитимираа како сериозна политичка сила. Изборот на професорот Река е пријатно изненадување за сите. Остануваат уште малку денови во кои раководствата на БЕСА и Алијанса треба да одлучат, дали ќе ја продолжат борбата за правна држава и до крај ќе ја дотолчат владеачката ДУИ или ќе и дадат шанса да се опорави после овој изборен дебакал.
Што се однесува до ВМРО – ДПМНЕ изборот на професорката воопшто не беше лесен. Раководството беше свесно за отпорот на дел од членството, но изборот на жена им е погодок, во овој момент жените се тренд во политиката. Изборот на докажан професионалец, кој секогаш бил на линија на одбрана на македонските национални интереси е полн погодок. Ризикуваа и добија! Имено, залудни се анемичните обиди на СДСМ професорката Давкова-Слијановска да ја поврзат со некои минати времиња во ВМРО ДПМНЕ, бидејќи луѓето со кои безуспешно се обидуваат да и нанесат штета моментално се токму во нивните редови. Токму тие луѓе се „вистинското освежување“ на криминалното крило на партијата на власт. Затоа, после сите бомби, после ликовите како Тодоров и Спирко, изборот на професорката Силјановска-Давкова и политички jack pot на новото раководство.
Замислете кој во СДСМ е пандан на професорката Давкова-Слијановска, интровертно нервозниот губитник Пендаровски, докажаната лузерка Шекеринска или пак анемичната „реформаторка“ Десковска.
Тука легитимно се поставува прашањето: Што ја спречи професорката да оствари поуверлива победа? Кампањата за не докрај расветлените лаги на власта, за жал пак некој друг е крив за нивните неуспеси, јавното недистанцирање од политиките на претходното раководство и од Будимпешта, како и недоволното анимирање на старото членство се само дел од причините. Раководството на ВМРО ДПМНЕ има уште некој ден, доволно време да се корегираат овие работи и во недела победата да биде поуверлива. Имено, сметам дека новата политичка пролет, а со тоа и предвремени парламентарни избори се реалност во Република Македонија.
На Република Македонија и треба докажан професионалец кој доследно ќе го почитува и спроведува Уставот. На Република Македонија и треба професорката за Претседател!
Во недела се гледаме заедно да прославиме една голема победа за Република Македонија!
Цврсто и храбро!
Авторот е професор и политички аналитичар