По повод 18-ти Август – Денот на Армијата, од касарната ,,Илинден“ во Скопје, утре во 19.5 часот, ќе се изврши почесна артилериска стрелба со истрелување на 10 плотуни од артилериски орудија, од страна на единица на артилерискиот баталјон на Армијата.
Претходно, во периодот од 15 до 18 часот ќе се изврши пробна артилериска стрелба со еден истрел од 6 артилериски орудија.
Припадниците на Министерството за одбрана и Генералштабот, како и во командите и единиците во касарните низ Републиката, денеска со свечени церемонии го одбележаа празникот на Армијата.
– Во изминатата година, во која ја извршувам должноста началник на генералштабот, заеднички со Вас и поддршка од Министерството за одбрана ги реализиравме сите планирани задачи – рече генералот Ѓурчиновски обраќајќи се на припадниците на Армијата.
Тој најави дека во периодот кој претстои, ќе се продолжи со спроведување на започнатите реформски процеси со поинтензивно темпо, со што ќе ги исполнат очекувањата од државното раководство и граѓаните кои несебично им ја даваат довербата.
На свеченост во генералштабот и командите и единиците се соопштија наредби за унапредувања и беа врачени плакети, значки, благодарници и други стимулативни мерки за припадниците на Армијата и организации кои допринеле за развојот на МО и Армијата.
Делегации предводени од министерката за одбрана, началникот на генералштабот и претставници од семејствата на загинатите бранители положија свежо цвеќе пред спомен обележјето на загинатите бранители пред Министерството за одбрана, а во касарните делегации положија свежо цвеќе пред бистите на Народните Херои чии имиња ги носат касарните.
Од страна на делегации од кабинетот на претседателот на државата, министерсвото за одбрана и генералштабот со воени почести се положија венци со свежо цвеќе на партизанските гробишта, на гробот на загинатиот претседател Борис Трајковски, поранешниот претседател Киро Клигоров, како и на гробот на генерал Михаило Апостолски.
Централната свеченост по повод Денот на Армијата ќе се реализира на 18 август во Центарот за Обука на вода во Охрид, на која ќе присуствува највисокиот воен и државен врв, а пред присутните ќе се обратат претседателот на државата и Врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски и Министерката за одбрана Радмила Шекеринска.