Повеќето Македонци мислат дека АСНОМ е модел на „шевролет“. И дека Крушевската република е хипи-комуна од 1968 година. Во која Питу Гули свирел бас во „Флитвуд Мек“. А Карев бил фронтмен во „Грејтфул дед“! Дека црешовото топче бил џиновски џоинт од кој пушеле будалите што гинеле за татковината мислејќи дека од расцепената вагина на Македонија излегува главата на слободата. Дека Сандански е летна колекција на „Саламандер“ од 1908: сандали, опинци, ремени од свинска и овча кожа за борбата на македонскиот народ против слободата. Дека Го Це му бил внук на Лао Це и дека затоа бил во состојба да го разбере светот. За разлика од Ци Ле, Ми Ле и Ми Цко. Дека Февруарскиот поход е акција за пошумување на Македонија во рамките на Денот на дрвото.
Завчера во „Пелистер“ порачав поховани национални интереси и пита преамбула од тикви. Ми рекоа дека сè е изедено. Овие од Собранието ми се како верници што се собрале да расправаат за аман(дманите) врз Библијата. Ослободен од обврските во врска со крвавите државни удари, мртов трезен, Трајко Вељаноски го фаќа микрофонот како што порно-ѕвездата го фаќа еректираниот пенис и му вика на Севишниот: ова, дека си ја создал светлината, па си ја одделил од темнината, мене ми звучи како ние Македонците пред тоа бел ден да не сме биле виделе, ве молам, па тоа е родосквернавење на мојот народ и на неговата славна историја!
Или ова со Заев, па не е тој Мојсеј, Преспа не е Црвеното Море, па да ја двоиме водата, да правиме пат кон Европа како од Кичево до Охрид, без провизии, па кај го има тоа, вие очигледно сакате да нѐ исподавите, тоа сѐ се гледа, Господине, да не се лажеме. Господ зел збор, без да станува од клупата и рекол: нема поопасна работа од работохоличен идиот, од будала што сака нешто да спасува, националната кауза на Македонија, да речеме, од лудак што има моќ ситните глисти во компостот со шампињони да ги гледа како корени на секвоја.
Бесмисленоста на Преамбулата
Но, да ги оставиме Господ и идните затвореници и да се запрашаме: што навистина треба да ставиме во тенџерето ако сакаме да испадне добра пита преамбула!? Конструкти, се разбира. Како мисловни тајфуни во главата на жената што треба да реши што ќе стави врз себе за некој важен спој. Или на маж што на пазар треба да купи многу работи и не знае од што да се откаже за да му остане некоја пара за пиво! И така натаму. Мојата теза е дека можете да ставите сè. Дали, на пример, ако во Преамбулата напишеме дека македонскиот народ и другите народи, плус граѓаните, ја формираат Република Северна Македонија врз основа на очекувањата дека Груевски и сите поважни вмрони ќе лежат по сто години затвор, ќе ги засилиме гаранциите за македонскиот идентитет или не!? Јас мислам да!
Секогаш кога ќе ги искористат сите другите можности да работат против себе, Македонците се фаќаат за Уставот. Најголем мерак имаат по Преамбулата. Уште кога биле мали некој им рекол дека ако во Преамбулата не пишува дека се најстар народ во светот, ќе наебат. Јас имам една порелаксирана верзија: Преамбулата е највисока форма на просерувањето на една нација за себе. Ниту една преамбула не може да го спаси народот од неговите глупости и самоубиствени инстинкти, ниту, пак, може да го направи паметен. Отсекогаш сум тврдел дека нашата катастрофа не е во тоа што го менуваме Уставот, туку во тоа што доволно долго сме одбивале да го промениме. Особено Преамбулата.
Во конститутивна смисла транзицијата е распродажба на македонските ексклузивности во однос на државата во замена за време, но, без идеја, само под притисок и секогаш по најниска можна цена. Како релативно богати глупаци на берза. Зашто, да се разбереме, овој питом, но умислен народ, други ресурси во времето на самостојноста – немаше. Особено не сила, политичка мудрост и единство во смисла на релативната моќ на етничката компонента која беше во континуирано опаѓање. Сè што требаше да прави е да се ослободува од вишоците Македонија за себе, да ги дели тие вишоци, а тој дозволи да му ги земаат затоа што му поверува на ВМРО-ДПМНЕ дека никогаш нема да дозволи тоа да се случи. Глупаци.
И сега што!? Ставете што сакате во Преамбулата. Бохемиската рапсодија на Фреди Меркјури и Квин, Гив пис о ченс, на Ленон, Гледис Најт, Брадрс оф армс на Марк Нофлер, Евангелието по Тричко, кој курац. Еве ги сега, сакале да го влезат и ТМРО и Кресненското востание и вонбрачните деца на Филип Трети, и битката кај Ис и исфрлањето на пратениците и 27 април и судењата за 27 април и одењето на Груевски в затвор. Па нека влезат.
Преамбулата е форма што имала смисла пред двесте или тристотини години, кога се раѓале феномените што ќе останат забележани како нации, но ако нацијата пропуштила да се конституира во тоа време, не значи дека денеска треба да прави будала од себе.
Јас мислам дека собраниската расправа е форма на некаква умислена политичка реализација и позиционирање, но не за и против амандманите и договорот, како што изгледа на прв поглед, туку на линијата на бранители на националните интереси и оние другите. Други разлики Македонците ниту се во состојба да формулираат, ниту да воочат. Инаку, мислам дека приказната со промените е завршена работа. Расправата е фарсична во својата суштина.
Вмороните се викнати на Конгресот на ЕПП за да им се каже дека ќе бидат исклучени не само од Европската пучка странка, туку и од македонската политичка сцена ако не разберат дека немаат право да расправаат и да гласаат дали на Македонија ќе ѝ се симне маската со кислород од марката Преспански договор!
Преспанскиот договор и спасувањето на ДПМНЕ
Еве ја мојата теза: Сашо Мијалков го обвинува Мицкоски за предавство на вмровската идеја и во името на правоверството се труди да го помести што подесно, односно против Преспанскиот договор и против Европа. За да му ги отсече сите шанси да ја консолидира партијата. Односно за да ја задржи високата релативна важност на својата позиција и на позицијата на исклучената односно одметнатата група. Ако Мицко и неговото крило застанат зад Преспанскиот договор и уставните промени, драстично ќе се смени односот на силите на штета на Мијалков и на неговите пулени. Ако Мицко го послуша Сашота, ако организира протести и блокади, ќе се изглупира, односно ќе му ги даде сите карти на Мијалков и ќе може да се слика на некоја од своите хидроцентрали, а ако ги послуша Хан и Тричковски, опасностите по него и по неговата група нема да исчезнат, но ќе отворат простор да им се вгради некој европски џигер со кој ќе можат да водат релативно квалитетен европски живот.
Макар што, ако мене некој ме праша, сето тоа ѓубре би го рециклирал во гомна. Докажано е дека единица гомно загадува сто милиони пати помалку од единица вмрон. Мислам дека Мицко ќе ги заебе. Ќе ја спушти топката и сè ќе помине во Собранието добро. Освен за Филип Петровски, кој ќе остане да оди од куќа на куќа. Совет е да му се дава понекоја корка леб и на кучињата да им се каже дека не е секоја будала да се лае по неа.
Спасувањето на ВМРО-ДПМНЕ е врзано со спасувањето на Преспанскиот договор и со спасувањето на Македонија. Единствен начин за тоа се притисоците, уцените и корупцијата. И надежта дека заостанатите можат да се култивираат во процесот на напредокот на Македонија кон Европа. Второ, пропаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ е многу деликатно прашање за СДСМ и за политичкиот систем. Затоа јас мислам дека оваа деликатна фаза ќе заврши со поубедливо прифаќање на амандманите, со членство во НАТО и со преговори со ЕУ, со ослободување на ВМРО-ДПМНЕ од украдениот имот, со ослободување на партијата од името ВМРО, со процесуирање на злосторниците, со можен судски или вонсудски договор со еден, двајца или повеќе злосторници со кои може да се постигне договор овие работи да се исервисираат. Тоа е, сепак, евтаназија на ВМРО, без драматични последици врз системот и врз перспективите на Македонија. Смрт на ВМРО за спас на партијата и на некои поединци.
Партиското ВМРО ќе се разлее во сите нас, така ми објаснуваше еден професор, кој знае дека јас мислам дека со тоа ќе мораме да го прифатиме не само вмрото туку и фактот дека злото не е без шанси еден ден да се врати, но, добро, во оваа констелација и тоа не е лошо решение. Шприцовите за успивање на чудовиштето се кај Мицкоски, Мијалков, Богојески, Богданов, Тодоров. Така ќе изгледа националното помирување. Македонија ќе се помири во својата самопретстава. Партиски, политички, идејно и етнички. Тоа е најважно. Сите ќе се ослободат од илузиите, како млада дама од целулитот или зависникот од алкохолот. Освен тоа, ќе се помириме со фактот дека сме опљачкани и дека опљачканоста е нов регуларен ред на нештата. Македонија ќе се помири во својата скромност што ќе ѝ помогне да се хармонизира со самата себе. За нациите што немаат муда за револуции и памет за мирови, ова се добри исходи.