Пофално слово за МАНУ

Денес, кога на секој наш човек, без разлика каде се наоѓа, му е тешко да сфати дека како млада демократија со децении сме летале во место, не е мудро да се порекнуваат докажаните вредности што со гаранција ќе ја преживеат и најновата политичка бура.

1596

Зошто би требало коректно да се пишува за МАНУ?

Затоа што фактите го налагаат тоа.

Иако нашата македонска приказна често се доживува како летање во место (академик Горан Стефановски), токму МАНУ е доказ за спротивното. Нашите уметници и научници стигнаа најдалеку во афирмацијата на современата македонска држава. Од близу илјада наши преведени дела на други јазици, неспоредливо најголемиот број им припаѓаат на академици. Ќе набројам само 20 имиња (без своето) зад кои стојат најмалку 300 преводи на странски јазици: Блаже Конески, Харалампие Поленаковиќ, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Петре Андреевски, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Коле Чашуле, Матеја Матевски, Влада Урошевиќ, Радован Павловски, Луан Старова, Георги Шоптрајанов, Георги Филиповски, Митко Маџунков, Ката Ќулавкова, Милан Ѓурчинов, Георги Старделов, Богомил Ѓузел, Ристо Василевски… А пак стотината починати и живи академици во работниот состав заедно имаат библиографија поголема од 700 преводи на други јазици – вели Павловски.

На странски јазици во повеќе земји се публикувани и книги за нашите врвни ликовни уметници како: Никола Мартиноски, Димо Тодоровски, Васко Ташковски, Вангел Коџоман, Томе Серафимовски и други.

Накусо, МАНУ е институција што го обединува нашиот духовен гениј. За жал, во два случаи, кога излегла надвор од тој свој мандат (размена на територии, енциклопедија по желба на актуелната политика) таа доживеала фијаско. Доволна поука да не прави авантури надвор од науките и уметностите, за кои области е основана и во кои доживеа меѓународна афирмација.

А во кои други области имаме такви резултати?

Доколку македонските политичари по осамостојувањето ги читаа и почитуваа врвните научни дела на академиците: Михаил Петрушевски, Вера Битракова, Петар Илиевски, Цветан Грозданов, особено Блаже Конески, дали ќе ги направеа фаталните грешки што придонесоа да летаме во место? Немаше ли да се запрашаат зошто нашата сериозна наука се придржува до светски изградените стандарди за историското минато?

Денес, кога на секој наш човек, без разлика каде се наоѓа, му е тешко да сфати дека како млада демократија со децении сме летале во место, не е мудро да се порекнуваат докажаните вредности што со гаранција ќе ја преживеат и најновата политичка бура.

Како што поминаа 50 години во животот на МАНУ, така идните генерации ќе дочекаат 100 години, користејќи ги трезорите на својата омилена институција. Имав задоволство да се дружам со сите мудри глави во нашата Академија. Затоа си зедов обврска, кога ќе ми заврши оваа долга австралиска мисија, да им стокмам книга во која ќе бидат содржани нивните успеси. Приказна за тоа како сме успеале за толку кусо време да фатиме приклучок со Европа и светот.

Малку повеќе светлина на патот, господа, за да не си го изгазиме највредното што го поседуваме.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...