ПОТРЕСНИ ПРИКАЗНИ ОД ГРЦИЈА: Додека го гасел пожарот го изгубил детето, а жена му е на интензивна

Дописничката на МИА од Атина поразговара со дел од Грците кои од понеделникот живеат лични трагедии, друг дел решија нивните приказни да ги раскажат и да ги споделат на социјалните мрежи, дел говореа за грчките медиуми.

811

Катастрофалниот пожар во источниот дел на областа Атика во поширокиот дел на Атина остави зад себе пустош, загубени животи, трагични судбини и населби што наликуваат на бомбардирано место со целосно изгубени бои.

Приморската населба Мати што беше најпогодена во ништо не потсетува на едно од омилените летувалишта на Атињаните. Од сината боја на морето и зеленилото на шумата, сега населбата е црно-бела. Пепел и остатоци од куќи, а меѓу нив спасувачките екипи и понатаму продолжуваат со потрагата. Бројот на загинати секојдневно се зголемува, бројот на исчезнати и понатаму е енигма.

Оние кои загубиле близок член или блиски членови на семејството, изминатите денови го посетија Институтот за судска медицина во Атина, за да дадат примерок од ДНК за да може да се заврши аутопсијата и идентификацијата на жртвите.

Дописничката на МИА од Атина поразговара со дел од Грците кои од понеделникот живеат лични трагедии, друг дел решија нивните приказни да ги раскажат и да ги споделат на социјалните мрежи, дел говореа за грчките медиуми.

Еден ја загубил сопругата, друг родителите, трет неговиот син. Пожарникар додека бил на должност го загубил шестмесечното бебе. Татко го бара неговиот син.

Дел од жртвите идентификувани, дел се водат за исчезнати. Едни изгореле, други се удавиле.

Missing alert за 13 – годишно момче

Доцна синоќа, невладината организација за заштита на правата на децата „Насмевката на детето“, во соработка со грчките власти објави missing alert со фотографија и податоци за 13-годишниот Димитрис Алексопулос кој се води за исчезнат по пожарите. Фотографиите веќе се споделени на социјалните мрежи, но и доставени до сите медиуми, како што е пракса во вакви случаи, кога организацијата објавува податоци за исчезнати деца.

По пожарите им се губи секаква трага на момчето и неговите баба, дедо и вујко, кои биле во населбата каде што огнената стихија одзеде најмалку 88 човечки животи.

Таткото на Димитрис изминатите денови, преку медиумите, бара помош и каква било информација за неговиот син, но и за останатите членови на семејството.

Во разговор за МИА, вели дека она што сигурно го знаат е дека сите влегле во автомобилот на вујкото, откако забележале дека пожарот се шири и се упатиле кон морето, но никој не знае што се случило потоа.

На фотографиите објавени на социјалните мрежи, од моментите додека пожарот зема голем замав, а луѓето бараа спас на плажа, таткото на момчето вели дека можеби на две од нив е неговиот Димитрис со баба му.

– Детето на фотографијата мене ме потсетува на мојот син. Не знам што да ви кажам. Она што е чудно е што никој не излезе да каже, јас сум на сликата, или не сум јас, тој и тој е – вели Анастасиос Алексопулос во разговор со дописничката на МИА од Атина.

Со тригодишиот син се спасиле, сопругата изгорела

Панајотис Дакалос ја загуби 35-годишната сопруга. Официјално не е идентификувана, но веројатно е дека нејзиното изгорено тело било пронајдено веднаш до автомобилот додека се обидувала да им побегне на огнените јазици. Дакалос успеал да се спаси, заедно со неговиот тригодишен син. Завршил само со помали изгореници по телото, додека, пак, детето е добро. Тој ден, Мати го посетиле за да одат на плажа, оделе често таму, а тој добро го знаел местото.

– Бевме заедно во автомобилот, лево и десно се ширеше пожарот, огнените јазици беа толку големи до степен што добиваш изгореници од зрачењето, без да имаш физички контакт. Го земав детето, го завиткав во пешкир и инстиктивно почнав да трчам кон плажата. Мојата жена остана позади и не знам што се случи. Не се свртив да погледнам. Јас и детето се спасивме. Има три години, но сфати што се случи, сепак, е добар. Стигнавме на плажата и влеговме во море. Останавме се додека не дојдоа да не спасат – раскажува Дакалос, а изгорениците од пожарот се видливи на десната страна од неговото тело. Во текот на вчерашниот ден, однесе дополнителен примерок ДНК од неговата сопруга, влакна од четката за коса, за да им помогне на вештаците во процесот на идентификација на јагленосаните тела.

Ги нашол мртви и прегрнати неговите родители

Стелиос Масхас, само неколку часа по катастрофалниот пожар, заедно со спасувачките екипи ги пронашол телата на неговите родители. Осумдесет и осум годишниот Ангелос Масхас и 85-годишната Ангелики Масха загинаа прегрнати на излезот од кампот на Здружението на љубители на природата во Мати, нивната омилена летна дестинација уште од 1980.

– Ги најдовме во дворот на кампо, 15-20 метри од излезот. Се обиделе да избегаат, но не успеаја. Следното утро ги најдовме заедно со спасувачите – вели Стелиос Масхас за МИА.

Неговата мајка имала проблеми со движењето, а неговиот татко, иако можел да се спаси, сепак, веројатно одлучил да не ја напушти неговата сопруга. Вчера, заврши идентификацијата на брачната двојка и Масхас беше повикан да ги земе телата на неговите родители.

Како што раскажува Масхас, група од околу шест-седум лица била спасена од момче кое со автомобил урнало железна врата и сега е во животна опасност.

– Колку што знам, во кампот имаше четири жртви. Шест-седум лица кои што се обидувале да се спасат, се симнале во долниот дел и викале помош, но не можеле да излезат од дворот, бидејќи вратата што постоела за излез во тој дел била заклучена со катанец. Од другата страна имало некое младо момче кое со автомобилот се обидувало да ја скрши портата за да ги спаси. Тој сега е со изгореници и се наоѓа на интензивна нега – раскажува Масхас за МИА.

Пожарникар го загубил шестмесечното дете, сопругата се бори за живот

Големиот интензитет на пожарите кои речиси во исто време избија и во западниот и во источниот дел на областа Атика го прекинаа годишниот одмор на еден пожарникар. Бил итно повикан да замине на работа, да помогне во справувањето со огнената стихија. Додека тој се борел со огнените јазици и спасувал луѓе, го загубил неговото шестмесечно дете. Неговата сопруга, со тешки повреди, се бори за живот.

За трагичната судбина на пожарникарот говореше претседателот на Грчката федерација на вработени во противпожарната служба Димитрис Статопулос за грчката телевизија Антена.

– Службата нареди мобилизација и беше обврзан да оди. Отиде да го гасне пожарот. За жал, ги остави сопругата и детето и сега, детето е меѓу жртвите, а сопругата е на интензивна нега – рече колегата на пожарникарот за грчката телевизија Антена.

Според грчките медиуми, бебето беше првата идентификувана жртва во катастрофалните пожари.

Во Институтот за судска медицина, изминатите денови се одвиваше „последниот чин од грчката трагедија“. Како што јави дописничката на МИА од Атина, пред главниот влез на објектот, забележително беше присуството на грчки, но и странски медиуми. Дел од роднините на загинатите или исчезнатите говореа пред новинарите за да ја споделат нивната болка и трагичните моменти што ги живеат, дел не сакаа да коментираат.

Таткото на 24-годишниот Викторас Михас, кој се уште се води за исчезнат, донесе дополнителен генетски материјал. Не сакаше да говори јавно. Телото на неговиот син не е се уште идентификувано, но тој е сигурен дека Викторас е меѓу удавените.

Во текот на вчерашниот ден, пред Институтот, зголемена беше фреквенцијата на возила од погребални компании. Ги земаа телата на веќе идентификуваните жртви.

Во Грција и понатаму е активна интернет платформата, неофицијалната база на податоци направена од ИТ компанија за помош на граѓаните кои се уште ги бараат нивните најблиски. Утрово има вкупно 27 имиња, 27 фотографии, 27 лица за кои семејствата бараат каква било информација.

Според последните официјални информации, вкупно 88 лица го загубија животот во пожарите, а останува непознат бројот на исчезнати.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...