Потребни ни се нови вредности

1583

За влијанието на негативната кампања пишувам и зборувам јавно повеќе години. Мојата основна теза е дека негативната кампања е преценета од страна политичките партии и многу одамна воопшто не го дава ефектот кој тие и нивните кандидати го очекуваат и посакуваат.

Но, ајде да почнеме со ред. На почетокот на оваа година на Твитер меѓу другото напишав дека луѓето се обединуваат околу и гласаат за личност која има отворен и инклузивен пристап и сака да воведе нови вредности.

Ова го објавив јавно пред повеќе месеци како еден вид студија на случај за улогата на негативната наспроти позитивната кампања за време на претседателски избори. Зошто го велам ова?

Бидејќи на партиите и политичарите од нашата земја и регионот мора конечно да им стане јасно дека форсирањето на прекумерна „црна“ или негативна кампања, насочена кон политичкиот противник одамна не го дава ефектот кој за нив е посакуван. Напротив, граѓаните веќе одамна имаат изградено имунитет на негативните кампањи, а штетата која се нанесува врз граѓаните и демократиите со ваквото партиско однесување е непоправлива.

Што всушност се случува? Граѓаните стануваат апатични, се оддалечуваат од процесите на одлучување во земјата на централно или локално ниво. Поради таквото неодговорно однесување од страна на политичарите граѓаните се оттргнуваат од дневното информирање и пополека, но сигурно во голема мера го отстапуваат просторот на полукредибилни информации и лажните вести.

Или да бидеме конкретни: 1) СДСМ пред две години не ја освои власта со негативна кампања, туку со обединувачки пораки кои многу пред тоа ги испраќаше партискиот лидер Зоран Заев. На пример: „Едно општество за сите“, „Без суети, секогаш сум спремен да седнам на зелена маса и да преговарам за доброто на земјата“ или „Да бидеме луѓе, да си помагаме еден на друг“… Токму ова се само мал дел од пораките со кои дел од граѓаните во СДСМ и Заев препознаа лидер на кој му дадоа мандат да ја води земјата.

2) ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска не успеаја да извојуваат победа на овие претседателски избори и покрај огромното количество на негативна кампања и ловење на „темните страни“ на политичките противници. Еднаш споменав, а сакам детално да елаборирам и во оваа прилика: Две години се долг период, но премалку поминато време за гласачите да заборават кој бил на власт, но во истиот период и добро се сеќаваат кој во моментов е на власт. Со негативната кампања можете само да ги демотивирате граѓаните да излезат на избирачките места. Дури можете и да ги натерате да не гласаат за вашиот политички противник, но во никој случај во оваа ситуација не можете да ги натерате да гласаат за вас.

3) Да се вратиме дури и 12 години наназад. ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски во 2006 година не победија поради негативна кампања. Напротив, граѓаните во тоа време го идентификуваа Груевски како „млад технократ, кој ќе ја извади земјата од транзиција и кој ќе ја води кон економски просперитет“.

Но, ајде да не бидам само негативен или критичен. Кое според мене е најпосакуваното решение?

Да нагласам дека и јас живеам во реалноста и свесен сум дека негативната кампања е составен дел од пи-ар стратегиите и политичките кампањи. И тоа секаде во светот. Меѓутоа, во исто време сум свесен и дека нашите граѓани со децении се „бомбардирани“ со црна кампања која има за цел да го омаловажи и исфрли од игра противникот. Резултатот го гледаме – несредена земја, конфликтен регион, дискриминација по секоја основа која е придружена со говор на омраза, завист… Наместо ние да се грижиме за сопствениот прогрес, тоа за нас многу често го прави меѓународната заедница. Впрочем, ние имаме пари за луксузи, партиски вработувања, прескапо платени барокни зданија, а болниците, патиштата и јавните тоалети ни се реконструираат со странски донации. И наместо како политичари и совесни граѓани да преземаме одговорност за состојбите во нашето општество, вината ја префрламе едни на други, а резултатот е евидентен – иселување, недоверба во јавните и државните институциите и се поголема политичка апатија. Со една реченица, се однесуваме како размазени деца во кафеана кои се расфрлаат со нарачки и постојано ја честат цела кафеана. А, кога на крајот ќе пристигне цехот… е тогаш си свиркаме и си одиме дома, оставајќи друг да плати наместо нас. Очигледно може слободно да заклучиме дека негативната кампања се користи од страна на политичките партии и има единствено за цел да избегнат одговорност и да се дојде или остане на власт за да се продолжи со расипничкото однесување и трошење на буџетот на граѓаните како да е семеен буџет на политичарите.

Затоа, како прво, потребно е негативната кампања политичките партии да ја заменат истовремено со критика и нудење на предлог решенија. Тоа е единствениот пристап кој на политичарите ќе може да им донесе поени кај оние кои одлучуваат – неопределените и незаинтересираните гласачи. Затоа што демократското искуство од 3 децении веќе овозможи граѓаните да созреат политички и да се однесуваат со истата мера со која кон нив се однесуваат политичарите. Граѓаните сакаат да ги видат решенијата кои за секое клучно прашање ги имаат партиите и на крај да изберат кого, односно чие решение и на која партија или коалиција ќе поддржат.

Во исто време, потребно е обединување на политичките партии по сите стратешки прашања за граѓаните. А, тоа се пред сè: креирањето на современ образовен систем, здравствени услуги, решавање на проблемите со загадувањето, одржливи мерки за намалување на невработеноста и услови за претприемништво и водење бизнис без големи даночни оптоварувања. Ова се само дел од прашањата за кои граѓаните очекуваат да видат дека се работи на нивно активно решавање. А, ова се најтешките прашања кои ниту може сама да ги реши една партија или коалиција, ниту, пак, се решаваат во еден мандат.

Ако само овие две крупни реформи ги направат партиите, тогаш логично е да очекуваме наместо иселување, младите да почнат да размислуваат за иднина дома.

Доколку ова не се случи, дури откако ќе останеме држава на пензионери и јавна администрација ќе се освестиме и ќе ја побараме вината кај сите нас. Но, тогаш секако ќе биде веќе предоцна. Да не дозволиме да дојде до тоа!

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...