Потпретседателот на Турција Фуат Октај изјави дека неговата земја нема да се исплаши од заканите, што претставува прв одговор на најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе ја уништи турската економија доколку Анкара спроведе операции во Сирија.
– Нашата порака до меѓународната заедница е јасна: Турција не е земја врз која би влијаеле закани – изјави Октај.
Трамп вчера се закани дека „целосно ќе ја уништи и збрише турската економија“ доколку Анкара „отиде предалеку“ и преземе воена операција против Курдите во Сирија.
– Како што претходно потенцирав претходно, и ќе повторам, дека доколку Турција направи нешто кое јас, во мојата голема и неспоредлива мудрост оценам дека е недозволиво, целосно ќе ја уништам и збришам економијата на Турција (Сум го правел тоа и претходно), напиша вчера Трамп на Твитер.
По телефонски разговор на Трамп со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган , американскиот претседател одлучи да ја повлече војската од Сирија, оставајќи ги незаштитени Курдите од редовите на Силите за заштита на народот од воздушни напади од Турција. Потоа следуваа реакции од американски конгресмени и сенатори и од Републиканската и од Демократската партија, кои посочија дека „оставањето на цедило“ на Курдите, ќе ги направи САД недоверлив сојузник во иднина.
Американскиот Сенат ќе бара да се санкционира Турција, па дури и да ја суспендира земјата од НАТО ако ја нападне североисточна Сирија и тамошните курдски сили, изјави вчера сенаторoт Линзи Греам, кој, како и претседателот Доналд Трамп, е од Републиканската партија. Одлуката на Трамп ги налути и сириските Курди, бидејќи тоа значи губење на автономијата со која се стекнаа за време на војната во Сирија.
Греам, кој важи за гласен поддржувач на Трамп, изјави дека соработува со демократскиот сенатор Крис Ван Холен на законот и се надева на големо мнозинство во Горниот дом за изгласување вето.
– Конгресот мора да стави до знаење дека Турција ќе плати висока цена ако ги нападне сириските Курди“, рече Ван Холен – осудувајќи ја „одлуката на Трамп да ги предаде“ Курдите.
Републиканскиот сенатор Мит Ромни предупреди дека одлуката ќе се смета за „предавство“ на Курдите, која ќе ги претстави САД како „несигурен сојузник“.
Трамп денеска оцени дека Вашингтон не „ги напуштил“ Курдите, и покрај неодамнешната негова изјава за повлекување на американските војници од подрачјата во северна Сирија, долж границата со Турција.
– На пат сме да ја напуштиме Сирија, но апсолутно не ги напуштивме Курдите, кои се исклучителни луѓе и одлични борци, наведе Трамп на Твитер. Според него, САД и натаму ќе им помагаат на Курдите, финансиски и со оружје. Тој, исто така, наведе дека САД имаат добри односи со Турција, но и предупреди дека „непредизвикани и непотребни“ турски акции ќе бидат „разурнувачки за труската економија и кревка валута“.
Курдските власти во северниот дел на Сирија би можеле да почнат разговори со Дамаск и со Русија со цел да се пополни безбедносниот вакуум по повлекувањето на американските трупи од пограничната област со Турција, изјави денеска претставник на курдската автономна област.
– Ако САД дефинитивно ја напуштат областа, посебно пограничниот дел, ќе бидеме принудени да ги разгледаме сите опции – изјави Курдот од Сириски демократски сили, Бардан Жиа. Тој додаде дека и ќе се разговора со претставници од Сирија и од Русија за да се избегне или спречи најавениот напад од Турција.
Сириските демократски сили се курдска одбранбена формација и главен сојузник на САД во борбата против Исламска држава во тоа подрачје.
Претходно, сирискиот заменик министер за надворешни работи Фејсал Мекдад ги повика сириските Курди да преминат на страната на Владата во Дамаск.
Тој ги повика Курдите да и се придружат на сириската Влада, а не да се „фрлат во бездна“.
– Татковината срдечно ќе ги прими сите свои синови и Владата во Дамаск ќе ги реши сите проблеми во земјата на позитивен начин, без насилство, посочи Мекдад.
Изјавата на Мекдад е прва официјална реакција од Сирија по одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп да ги повлече американските трупи од североисточниот дел на Сирија.
Тој исто така додаде дека Сирија ќе ја брани целата своја територија и нема да прифати никаква окупација.
Американските сили вчера почнаа да се повлекуваат од североисточниот дел на Сирија. Курдските борци го обвинија Вашингтон за непочитување на своите обврски кон клучните сојузници и наведоа дека тоа ќе ги поништи достигнувањата во последните пет години во борбата против терористичката Исламска држава.
Турција во повеќе наврати се закани дека ако не биде формирана безбедносна зона долж границата со Сирија, за што беше постигнат договор со САД, ќе изврши инвазија врз североисточниот дел на соседната земја.
Во меѓувреме, авиони на турските ВВС ноќеска извршија воздушен напад врз објекти на курдските вооружени групи во северна Сирија. Како што е објавено, целта била командниот центар на курдска група што ги поддржува Сириски демократски сили во градот Ал Малики. Засега нема извештаи за жртви или материјални штети.
Турските авиони во текот на денот извршиле интензивно надгледување на пограничната област.
Од друга страна, турското Министерство за одбрана преку Твитер соопшти дека сите подготвителни операции за евентуална воена операција во североисточна Сирија се завршени.
Воспоставување „безбедносна зона“ е основно за мир и стабилност во регионот како и за тоа Сиријците да живеат во мир, додава Министерството.