Потерницата за Груевски е распишана за цела Македонија

2934
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Потерницата која е распишана по поранешниот премиер Никола Груевски е на ниво на Република Македонија.

МВР ја распиша попладнево по барање на Кривичниот суд откако судските служби два дена не успеаа да го пронајдат Груевски на адресата од неговата лична карта.

– Ве известуваме дека Основниот суд Скопје 1 издаде наредба за приведување на лицето за кое прашувате и на 12.11.2018 во 16.30 часот ја достави до СВР Скопје и побара издавање на потерница. Министерството за внатрешни работи веднаш откако му беше доставена, постапува по наредбата – велат од МВР.

Во петокот на екс премиерот му беа одбиени жалбите за одлагање на издржувањето на казната затвор од две години за набавката на блиндираниот мерцедес. Тогаш и денеска куририте од судот не успеаа да му го достават решението на Груевски, по што следуваше ова барање за потерница.

Ако полицијата не успее да го најде до средата, можеби тогаш тој ќе го добие решението директно во судот каде треба да се појави на рочиште за предметот „Титаник“.

Според насоките во овој документ, Груевски треба да замине во затворот во Шутка веднаш по приемот на решението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...