Секојдневно по улиците гледаме автомобили кои возат побрзо од пропишаното, се движат во погрешен правец или не ги почитуваат сообраќајните знаци. Многу пати пешак знае да извика „алооо, имаш ли дозвола ?!“. Иако стереотипот е дека без дозвола најчесто возат помладите, често може да се сретнат и постари лица кои возат „сомнително“.
– Во периодот од јануари до март 2019 година, против возачите за сторен прекршок „управување на моторно возило без возачка дозвола“, поднесени се вкупно 4.462 барања за поведување прекршочна постапка. По подрачје, најмногу се на ниво на Секторот за внатрешни работи Скопје-26,2 отсто– велат за Плусинфо од Министерството за внатрешни работи.
Барања за прекршочна постапка најмногу има од СВР Скопје – 1168, па СВР Штип – 614 и СВР Тетово со 590.
– Потоа следува СВР Струмица со 520, СВР Битола со 366, СВР Охрид со 333, СВР Велес со 237, СВР Куманово со 192 барања за прекршочна постапка. Регионалниот центар за гранични работи (РЦ за ГР) Исток има 27 барања, РЦ за ГР Запад – 6, РЦ за ГР Север – 7, РЦ за ГР Југ – 91. Мобилната единица за патен сообраќај има 311 вакви барања – велатод МВР.
Правното лице кое ќе нареди или дозволи возење без возачка заработува глоба од две илјади евра.
– Триесет проценти од таа казна треба да плати и одговорното лице, а 300 евра глоба следува за возачот. Сто евра казна е предвидена за тој што вози со возачка која има истечен рок. Дваесет евра казна или 10 негативни бодови добива тој што нема да ги користи помагалата запишани во дозволата за возење – додадоа оттаму.