Денеска се очекува да се сретнат работните групи кои преговараат за носењето на новиот Закон за јавно обвинителство, како што најави вчера премиерот Зоран Заев, кој очекува да има решение до крајот на неделава.
– Очекувам исчекор, утре би требало да се сретнат работните групи, ако двете страни се подготвени после консултациите, за да се продолжи во изнаоѓање решение кое би требало да биде до крајот на неделата – рече вчера премиерот Заев.
Тој очекува во почетокот на наредната недела да има договор за предметите од СЈО со оглед на тоа што истекува законскиот рок за неговото функционирање.
Во Министерството за правда вчера се одржаа констултации за законот за јавно обвинителство со работната група. Министерката за правда Рената Дескоска на својот Фејсбук профил објави фотографии, на кои се гледа дека на состанокот меѓу другите присуствувале државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, обвинителката од СЈО Ленче Ристовска, академик Владо Камбовски и професори од Правниот факултет.
Главните разлики меѓу работните групи на власта и опозицијата за Законот за јавното обвинителство остануваат околу статусот на обвинителите од СЈО и нивните предмети кои не се во судска постапка.
Поради скратените рокови Законот за ЈО се очекува да биде донесен најдоцна до 15 септември. За да биде усвоен потребно е двотретинско мнозинство од пратениците, а неговото носење е клучно и за евроинтеграциите на земјава.
Во меѓувреме, Јавното обвинителство ги чека предметите од Специјалното јавно обвинителство, откако специјалната обвинителка Катица Јанева во вторникот ги овласти обвинителите од СЈО сите предмети – кривичните предмети во судење, во истрага и во предистрага, да ги предадат во ЈО.
Јавното обвинителство сѐ уште не соопштило официјално дали ќе ги прифати предметите на Специјалното јавно обвинителство. Заев вчера оцени дека предавањето на предметите од СЈО во ЈО е логична постапка.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е во притвор во КПУ Затвор Скопје-Скопје како осомничена за случајот „Рекет“.