Крајот на минатата недела ја разреши неколкумесечната дилема дали ќе избереме претседател на мирни и демократски избори или ќе се повтори тоа што го доживеавме за време на референдумот кога голем дел на населението од десничарска политичка провиниенција на излезе на гласање и ДИК го прогласи како неуспешен референдумот.
Како обично после долгите предизборни говори, средби со граѓаните и телевизиските соочувања доаѓа моментот да се прогласи и победникот. И покрај тоа што на првата рунда на претседателските избори изборните резултати меѓу двајцата кандидати беа многу тесни, ретко кој песимист веруваше во неуспешноста на изборниот процес а во победата на Стево Пендаровски ретко кој се сомневаше, иако математичките параметри беа многу тесни.
На тие кои се занимаваат со статистичките параметри им беше многу јасно дека Пендаровски ќе ја активира „златната резерва“ на гласачи во вториот круг која во првиот круг гласаше за Блерим Река и за неговата Република. Гордана Силјановска Давкова таква резерва ниту имаше ниту пак се потруди да создаде.
Жената која не знаеше како се станува претседател
Вечерта после набројувањето на гласовите госпоѓа Давкова, како што е редот, како претендент за „мајка на нацијата“ пред симпатизерите на партијата и пред нејзините гласачи зборуваше за оправданоста на нејзината одлука да се натпреварува во трката за претседател на државата, за претседател на „Македонија што ја нема“ за нејзиниот сон и нејзината мисија за спас на „народот кој е загрозен“ од сите страни и кому му се заканува етничко, културно и физичко исчезнување од земјината топка. Госпоѓа Силјановска Давкова не погрешила во тоа: во директните средби со граѓаните таа се здобила со големо искуство, се запознала со маките на граѓаните, се поздравила со младите, и стана личност која секој може да ја препознае на улица, по кафеани, по универзитети. Посебна драж за нејзе е тоа што граѓаните веќе се идентификуваат со нејзе, ја прифаќаат како нивна, ја сакаат и радосно ускликнуваат: еве ја Гога, доаѓа Гога!
И тоа е врв на луксот.
Несомнено е дека „мајката“ на сегашните модерни времиња е начитана, самобендисана во областа на науката и самопрогласена како „македонска енциклопедија“ со ораторски вештини и способност да ги убеди симпатизерите и политичките противници дека целото светско знаење е во нејзината глава, дека сиот академски свет ги цитира нејзините мисли изразени во нејзини разни книги објавени на Запад итн., итн. Ако не верувате во тоа читајте го Academica.edu! Многу нескромно звучат нејзините пофалби од типот: „тоа сум го напишала во едно списание во Њујорк, тоа во Кембриџ, итн. Таа нејзина нескромност многу ниско ја рангираше нејзе особено кога нејзиниот противкандидат Пендаровски го потценуваше и навредуваше со „незнаење“ на нејзиното фамозно уставно право и меѓународните односи!
Но, таа како што и самата вели, никогаш не била политичар а била практикант на политиката и секогаш милуваше да каже дека е професор по уставно право и политички систем.
Целото време на кампањата таа го посвети на трагање по неправдата која е направена кон нејзиниот етникум (што е неспорно), цитирајќи американски правници, француски експерти, италијански лингвисти, Повелбата на ООН, разни резолуции и вети дека со нејзиното огромно знаење од компаративното право од првиот работен ден во нејзиниот кабинет со владиниот стар авион так во Њујорк и директно кај Протоколот на ООН и на службеничката ќе ѝ врачи решение од Кабинетот на претседателот дека од тој ден нема да има Република Северна Македонија туку Република Македонија.
Значи и антика и словенски корени заедно! Meltin Pot. Непознавајќи го начинот на работата на меѓународните организации таа веројатно меша што е Протокол како технички сервис на ООН и Резолуците број 817 (1993) и 845 (1993) од Советот за безбедност на ООН кои ги спомнува во нејзиниот труд „За Преспанскиот Договор и пошироко“.
Кандидатката Силјановска Давкова на предизборните митинзи се однесуваше како во сала за предавање: професорува, цитира, кажува примери како е во САД, Франција, Италија а ништо не кажува како ќе ја применува практично политиката. Кој ќе ја разбере нејзината политичка филозофија нетрансформирана во политичко дејствување? Како интелигентна професорка, кога виде дека Преспанскиот договор не предизвикува веќе некои посебни емоции кај гласачите, се наврати на една интересна тема која државата ја стави пред работ на пропаст: организираниот криминал и корупцијата и влезе на теренот на Река, во неговата Република. Таа ја обвинуваше сегашната власт за криминал и корупција со тактика да ја одбегнува и амортизира реториката на Пендаровски по овие прашања за 11-годишното криминално дејствување на поранешните влади ДПМНЕ-ДУИ. И тој вмровски-интегративен економски, коруптивен, државно-разорен криминал го имаше во сите досегашни вмровски влади и нивните државни функционери, на кои Црвенковски им даваше по еден стан за да ги замолчи оти и тоа го немале!). Истите денеска сами се прогласуваат „богати како секој втор македонски богаташ“ од украдените државно-народни пари. Ниеден збор за довчерашниот криминал на ДПМНЕ!
За разлика од неа Стево Пендаровски (кој беше ранлив од фактот дека формално беше поддржан во неговата кандидатска трка и од една политичка формација која беше длабоко мешана во практикување на криминалот и корупцијата) имаше храброст да ги осуди појавите на непотизам и партизација во редовите на владеачката гарнитура.
Професорката Силјановска Давкова цело време инсистираше на правото на определување на Македонците, што е сосема легитимно, но во мултиентичката држава каде живее дел од Албанскиот народ, дел од српскиот народ, дел од ромскиот и турскиот народ (присутни во Преамбулата) гледаше само на граѓани со посебни потреби и во нејзиниот Кабинет ќе примеше и Албанки според меритократскиот принцип.
Професорката по уставно право знае дека имињата на тие делови на народи не се џабе ставени во Уставот и значат нешто. Таа, како професор по уставно право и политички систем, таа не правеше разлика што е правична застапеност и што недискриминација. Таа сигурно знае дека правичната застапеност како правна категорија на Охридскиот договор е позиција на националните етникуми во државните институции додека дискриминацијата е индивидуална или групна позиција загрозена од злоупотребувачите на власта. Дискриминацијата може да биде по десетина и десетина основи: боја, јазик, политичка припадност, полова припадност, брак, итн., итн.
Треба да признаам дека ние Албанците со минување на времето станавме малерозни. Откако го потпишавме Охридскиот договор некако се подобри правичната (партиска) застапеност во некои институции на државата. Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор стана фабрика за вработување на партиски кадри и така добивме координиран систем на дискриминација по партиска припадност но таа дискриминација овој пат не доаѓаше од Македонците туку од самите Албанци. По тој основ (партиска дискриминација) ДУИ, пишува многу пати Хајредини, со помош на ДПМНЕ создаде армија на млади кои не работат и земаат плата од џебот на граѓаните корисни само за време на гласањето.
Давкова нејзината намера да ги добие албанските гласови вешто ја пренесуваше на терен на победата на опозицијата наспроти власта, (што беше точно) искривувајќи го фактот дека таа платформа на Републиката (владеење на правото) само во еден мал сегмент ја има прифатена како своја а во поголем сегмент ја има искривена. Не може да се зборува за иста опозициска платформа на Река и Давкова кога Република е за уставна рамноправност и службеност на албанскиот јазик додека кандидатката Силјановска Давкова „се разбира, не е против проширувањето на јазичните права“. Нејзин параметар беше и е секогаш Повелбата за регионални и малцински јазици и стенограмите на преговорите за Охридскиот договор од Ветон Љатифи заборавајќи дека сѐ уште сме живи многумина кои го инициравме тој договор и ја спремивме и содржината на преговорите.
Што се однесува до криминалот и корупцијата во нејзиниот двор професорката играше во стилот на кошаркарскиот жаргон „фаул во напад“. После многу пати повтореното прашање на новинарите што станало со фришоповите на нејзиниот маж во пограничните зони во 90-тите години во владата на Црвенковски (кои беа затворени на барање на ЕУ), вешто одговара манипулирајќи со реченици дека тоа било време на транзиција и дека таа како министер чудно „ништо не знаела“ и дека Владата на Црвенковски и министерот Фрчкоски биле виновни за тоа! Какво ремек дело на манипулирање со јавноста!
За разлика од нејзе Стево Пендаровски, како искусен политичар како советник за безбедност на двајца поранешни претседатели многу добро знаеше дека практикување на политиката не значи цитирање на Аристотел, Платон, Монтескје и Макијавели туку понуда до гласачите еден цел систем на вредности, давање на визија како да се гради просперитетна и економски јака држава како рамноправна членка на просперитетни меѓународни организации како ЕУ и НАТО. За Силјановска Давкова важни беа само гласовите на припадниците на нејзиниот народ додека за Пендаровски беа важни гласовите на сите граѓани припадници на сите етникуми во едно мултикултурно општество. И затоа победи. Пендаровски не победи затоа што Река му ги „даде“ гласовите туку затоа што поголем дел од тие што „гласаа албански“ во првиот круг, во вториот гласаа за современ кандидат за претседател со современи концепти за развој на државата и општеството.
Таква наивна идеја пласираше во јавноста еден албански лидер на партија изјавувајќи смешни констатации дека тој со неговиот магичен стап на контото на Пендаровски насочил партиски гласови од својата партија во неверојатни цифри додека за време на првата рунда на избори едвај ги собра 30 илјади.
Многу грешеше Давкова кога причината за нејзиниот пораз ја поврза со „партиската директива“ на претпоставувам Села или независниот Река. Силјановска Давкова и Мицкоски добија многу гласови после траумите кои ги доживеа ДПМНЕ последните години. Математиката на Мицкоски покажува дека Стево Пендаровски убедливо победил, но ДПМНЕ победила во околу 40 општини! Тоа не е точно. Точно е дека истиот ден кога Силјановска ги изгуби претседателските избори ДПМНЕ убедливо ги изгуби локалните избори во Ново Село и Охрид. Хајредини на тоа ќе додаке дека изборите не се добиваат на повеќе квадратни километри територија туку со поголем број гласови на гласачите.
Албанска елита во ЕЛЕМ и МЕПСО!
Државата „стана баксуз“ откако стана Северна Македонија (и после „кристално јасна порака„ „стана“ дел на ЕУ!) и сега улиците се празни, нема млади кои дефилираат низ улиците, нема келнери и замислите во секој втор дуќан има натпис „бараме работници, продавачи, итн. Германците затоа што нѐ „мразат“ ни дадоа 0 развој, непроодна оценка, повторување на класот. Министерот за економија редеше работни успеси: ја вработил својата сестра во ЕЛЕМ и не знаел дека таа ја немала променето адресата на живеење! Ќе ја наплати казната а сестрата и натаму на работа! И другите ДУИ функционери ги вработија нивните блиски роднини во високо платежните ЕЛЕМ и МЕПСО и направија албанска елита во овие економски гиганти каде бројот на вработените Албанци таму не знам дали достигнува 0,5%!
Така е кога член на семејствата на политичка елита не може да се вработи во било која „проста“ институција, непрофитабилна! Горд со овој успех на елитно вработување лидерот на нивната партија неодамна пред гласачите изјавуваше дека неговата мисија е света: тој работи, сее за синовите и ќерките на неговите сопартијци да жнеат.
Богами, досега и премногу жнееле па останува да видиме каква ќе ни биде иднината.