После сончање, нема каење!

Затоа и мислам дека е вистинска среќа вревата што ја прави тајфата за бојкот на референдумот, бидејќи така ја кристализира важноста на сечиј поединечен граѓански ангажман да заземе активен став во однос на ова историско референдумско изјаснување.

1107

Пост-референдумските анализи на британската одлука за Брегзит покажуваат дека мнозинството Британци НЕ СЕ за излегување од членството во Европската Унија – од оние што ИЗЛЕГОА да гласаат на референдумот, мнозинството (17,4 милиони луѓе, односно 51,9 насто) гласале за напуштање на ЕУ, наспроти 16,1 милиони кои беа против тоа. Но, речиси сите бројни испитувања на јавното мислење покажаа дека од близу 13-те милиони гласачи кои, од различни причини, не излегле да гласаат на референдумот, ДВОЈНО повеќе би гласале за останување на Британија во ЕУ, одошто за нејзино заминување од Унијата. Да излезеа на референдумот, победата на проевропските сили во Британија ќе беше убедлива, какво што се чини дека е, впрочем, и генералното расположение во земјата и по референдумот.

Но, сега на овие Британци им е доцна да жалат заради својата мрзеливост (или заради други причини за спреченоста) да излезат и да гласаат на референдумот, после кој Обединетото Кралство запаѓа во сè поголема криза не само на својата дневна политика, туку и на своето политичко уредување и националниот идентитет, воопшто, на долги патеки.

Сега, како што растат непријатните сознанија за вистинските последници од излегувањето од европскиот сојуз, така во Британија се множат барањата и идеите за распишување на нов референдум за преиспитување на одлуката за отцепување од ЕУ. Но, брегзитерите со право им велат: „Сори, дечки, имавте шанса, ја пропуштивте, кој ви е виновен за тоа?“

На македонски јазик преведено, поуката од оваа далекусежна британска политичка авантура би се превела со познатата поговорка дека „После … онаа работа, нема каење!“… Практичната политичка поука од гласањето на британскиот референдум, за која се согласуваат голем број тамошни експерти, е дека проевропските кругови во земјата не успеаја доволно да мотивираат голем број од своите бројни поддржувачи да излезат и да гласаат на референдумот. Излегоа покуси за некои 7-8 милиони гласови, заради што, наместо проевропски триумф, сега во Лондон се мачат да ја состават и самата агенда за тешките преговори што ги очекуваат во Брисел.

(Патем, речиси идентични се и анализите за „апстинентските“ причини за победата на Трамп во САД, со сите тековни внатрешно-американски, но и глобални трагикомични последици од тоа.)

Ова е точката на паралела со претстојниот македонски референдум: кога ја гледам интензивната кампања која се труди да ја промовира власта деновиве, како да насетувам загриженост да не им се повтори британското сценарио, односно големото мнозинство поддржувачи на евро-атлантската иднина на Македонија да не помислат дека работата и без референдумското (макар и консултативно) изјаснување е завршена, па голем број од нив и да не излезат да гласаат за својот вистински, про-евро-атлантски, политички избор.

Нам политичката мрзеливост и онака ни е нешто како национален спорт, а кога ќе се доведе во комбинација со распространетиот политичкиот цинизам според кој гласал-не-гласал исто ти се фаќа, работите можат да добијат задоцнет „покајнички“ тек во контекст на „онаа работа“!

Дури, таквата инертност може да биде и поттикната од вистинската инвазијата на меѓународна вербална и персонална поддршка за успехот на референдумот – еве, после сите што се изредија или се најавени дека ќе дојдат, слушаме дека и потпретседателот на САД, Мајкл Пенс, можеби ќе наврати во Скопје пред референдумот да нè гушне во топла евро-атлантска прегратка – што на дел од овдешните раскомотени гласачи може да им заличи како порака дека и со и без нивниот глас Македонија е веќе дел од евро-атлантските сојузи, па што да арчиме кондури до гласачко место… Башка што и тој викенд е како создаден за последно сончање на грчкине плажи.

Затоа и мислам дека е вистинска среќа вревата што ја прави тајфата за бојкот на референдумот, бидејќи така ја кристализира важноста на сечиј поединечен граѓански ангажман да заземе активен став во однос на ова историско референдумско изјаснување.

Оти, навистина, после … онаа работа, нема да има каење!

Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...