Една недела помина откако граѓаните на Република Македонија му овозможија победа, а воедно и го поразија СДСМ. Бројките велат дека победи Стево Пендаровски, но атмосферата, расположението и мнозинството граѓани велат дека на овие избори загуби единствено СДСМ и морален победник е ВМРО-ДПМНЕ. Секако, да не заборавиме дека изгуби и изборната коалиција на Беса и Алијансата, чиј дел од гласовите отидоа на контото на ДУИ и СДСМ и практично со ова го легитимираа ДУИ и се демантираа за сè она што говореа дека ДУИ е криминална партија и мораат да си заминат од власта. Со овој потег ја вратија ДУИ „меѓу живите“ и им овозможија да продолжат да го уценуваат Заев за власт. Сепак, и покрај ова, граѓаните на Република Македонија од албанската етничка заедница ќе имаат доволно време да сфатат дека оваа Влада ништо добро нема да им донесе. Огромна благодарност сакам да истакнам до 377.713 гласачи, кои ја избраа кандидатката Силјановска-Давкова, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, плукајќи им в лице на притисоците и на стравовите од СДСМ и Заев.
Толку од „животот“ и од лагите
Е сега, откако поминаа изборите, имаме претседател што освоил најмалку гласови од сите претходни претседатели, но доволно за победа заедно со албанските гласови и го имаме капиталот на ВМРО-ДПМНЕ од изборите, кој и повеќе од јасно го трасира патот на промени на оваа власт. Нормално, периодот што следува ќе биде максимално искористен за претставување на политиките на ВМРО-ДПМНЕ пред албанскиот гласачки електорат, на кој исто како и на сите останати граѓани во Република Македонија му недостасува „животот“ што го ветуваше СДСМ. Наместо „животот“, за жал имавме можност да видиме како секоја недела четири автобуси со млади луѓе, мои врсници од Сарај, заминуваат на печалба во Германија. За жал, не само од Сарај, туку и од истокот и од целата држава. Толку од „животот“.
А сега и за соживотот, кој е особено важен. Додека СДСМ глумат соживот, секојдневно можевме и сè уште можеме да видиме нарачани написи и коментари од блиски луѓе до власта дека ги делиме граѓаните, „duke i njollosur“ (оцрнувајќи ги) ВМРО-ДПМНЕ кај албанскиот електорат. Со самите тие постапки на СДСМ, веднаш можеме да видиме кој и како врши поделби и кој сака да скара 377.713 граѓани со сограѓаните од албанската етничка заедница. За среќа, оваа Влада на СДСМ, манифестирајќи огромна мрза и потреба за личен бизнис, наместо да работи за граѓаните, после ова ќе нема што повеќе да ги лаже граѓаните. Тоа го зборуваат сите мои другари Албанци со кои сум израснал од дете од Сингелиќ, па до Грчец.
Поминаа сите лаги. Некои лаги и по двапати ги превртеа веќе. Факт е дека нема ЕУ без суштински реформи. Факт е дека нема 500 евра плата. И кога ќе ги слушнете дека велат дека просечната плата стигнала над 400 евра, да знаете, лажат. Ако се двоумите, наредниот пат кога ќе одите на пазарче или во маалскиот маркет или каде било, слободно прашајте ги тие честити луѓе што работат – дали земаат 500 евра плата и зошто не? Веднаш и ќе ви одговорат: не земаат повеќе од 250 евра плата и Заев и СДСМ се виновни што им е полошо сега, а цените на производите што ги продаваат се качија. Всушност, тоа е просечната плата во државава, 250 евра, за жал. Факт е и дека нема 1.600 километри асфалт. Ако не верувате, само нека ви текне дека направен автопат до Штип не можат да го пуштат во употреба година и пол. Има и безброј други факти, но најголемиот факт, пред кој и папата најверојатно би молчел, е колку оваа Влада ја ограби и ја задолжи државата за само две години. Но, за тоа потоа, кога институциите нема да се водат од Бихаќка и ресторан „Вила парк“ во Струмица. Секој криминал сега јавно ќе го објавуваме, а кога ќе се сменат работите, богами и ќе му дадеме шанса на правосудниот систем да си го преземе во свои раце, бидејќи сега очигледно нема намера, затоа што Заев го управува. Заев те тужи, Русковска те обвинува, Кацарска те суди. Правосудниот систем во Македонија во една реченица. Но и на тоа ќе му дојде крајот.
Чекајќи го Годо
Зборот ми е дека и покрај сè, „животот“ нема да дојде. „Животот“ што го чекаат граѓаните стана Годо. Така, чекајќи го Годо, Македонија отиде во бездна. Исто како и колата (СДСМ) управувана од шоферот Заев, кој има во моментов апсолутна власт. Достигнат е врвот, сега одат само надолу. И во тој случај, кога одат само надолу, за да не се занимаваат самите со себе и со своите метли што најверојатно нема ништо да исчистат, да не си ги квасат крволочните усти со сопствената крв, ќе ги пуштат „кучињата“ што ги чуваа по кафезите да касаат по ВМРО-ДПМНЕ, барајќи реформи во самата партија.
Е, па, дечки, 377.713 граѓани веќе ви кажаа дека ВМРО-ДПМНЕ е реформирано и е на прав пат и нема да ви успее ништо од тоа. Не обидувајте се попусто. Ќе ве чини време и срам. ВМРО-ДПМНЕ повторно е водечка сила и повторно најголема политичка партија во Република Македонија, а Христијан Мицкоски иден премиер во новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ. Ваков СДСМ што нема повеќе од 290.000 гласа, нема повеќе сила за ништо. Последните сили ќе си ги искористат за превласт внатре, да се изметат самите себеси во партијата и во Владата, за на крај, граѓаните да ги „изметат“ на наредните избори од политичката сцена во Република Македонија. Така што, сите политички сеирџии и поткусурувачи што изминатите година-две беа свртени кон ВМРО-ДПМНЕ, сега комотно можат својот фокус да го насочат кон СДСМ, бидејќи таму почнува последниот чин од претставата на СДСМ, режирана од Заев и Шеќеринска „Си бевме еднаш на власт“. Последен, но најинтересен, кој ќе го следиме сите заедно, отсега натаму.
Бидејќи ова е мојата прва колумна во мојата тазе политичка кариера, за крај би сакал да изразам благодарност до тимот на „Слободен печат“, кој ми овозможи секоја сабота да го пијам утринското кафе со вас, читателите, додека го читате весникот и да го споделам моето мислење, а вие ценетите, да процените дали е правилно или не е.
(Авторот е портпарол на ВМРО-ДПМНЕ)