Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да се одржи ново рочиште за предметот „Тенк“ кој се однесува на набавката на блиндираниот мерцедес.
Тоа е и последна шанса во судница како сведок да се појави поранешниот шеф на обезбедувањето на Никола Груевски, Дејан Митревски Урко. Тој е предложен од страна на одбраната, покана за сведочење доби и за претходното рочиште, но не се појави во судот. Адвокатите на Груевски не знаеја каде е и зошто не дојде, па во текот на рочиштето се обидоа да го добијат телефонски и да го повикаат да дојде, но неуспешно.
Покрај Урко, не дојде да сведочи уште еден од сведоците на одбраната бидејќи бил на службено патување. Судијката Добрила Кацарска даде уште една шанса за овие двајца сведоци, а ако не се појават ниту на денешното рочиште, како што рече таа, ќе бидат избришани од листата.
На денешното рочиште ќе се презентира и извештајот од вештачењето, ќе сведочат и вештаците, а се очекува одбраната да ги презентира и писмените докази.
На претходните две рочишта во судот беа сослушани вкупно 19 лица предложени од Груевски и неговите адвокати. Сите биле дел од тимот за обезбедување во времето кога тој беше премиер и сите ја потенцираа лошата состојба на стариот блиндиран мерцедес и потребата од набавката на ново возило.
Покрај Груевски, обвинет е и поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски. На обвинителна клупа со нив седеше и екс министерката Гордана Јанкуловска, но поради ризична бременост постапката за неа беше раздвоена.