Последна шанса да почнеме да градиме општество кое го проаѓа тестот на реалноста

Пораките се дека ваква шанса повеќе нема да имаме. Додуша, ако оваа шанса не ја препознаваме, ние колективно друга и не заслужуваме. Ќе останеме изолирана држава, сами на ветрометина, на која ќе дуваат црни и неизвесни сценарија. Без капацитет да можеме да се заштитиме, ќе продолжиме да живееме во општество кое не го поминува тестот на реалноста се додека некое црно сценарио не биде кобно за нас.

706

Се ближи 30-ти септември, денот кога сите заедно ќе решиме во кој правец ќе продолжи да се движи Македонија. Денот кога граѓаните, на еден, друг или трет начин, ќе ја одредат патеката по која ќе се движиме како држава. Без разлика дали ќе гласате „за“, „против“ или ќе го бојкотирате референдумот, вашата постапка секако ќе влијае на вашата иднина, иднината на вашите најблиски и иднината на државата. Јас во недела ќе го искористам своето право, но и граѓанската должност, ќе излезам да гласам, а на референдумското прашање „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ ќе заокружам „ЗА“

Договорот со Грција сепак е фер договор

Преговорите беа тешки и има отстапки од двете страни. Договорот на крајот е фер и го сочува нашето достоинството, а ни обезбедува да ги оствариме стратешките цели на државата. Договорот го гарантира идентитетот на граѓаните кои се декларираат како Македонци, а го зачувува и унапредува македонскиот јазик. Во релевантните извештаи на ЕУ нема повеќе да ја има формулацијата „јазикот на вашата земја“, туку ќе биде именуван како македонски јазик. Името Северна Македонија не е нешто страшно, ниту пак е недостоинствено. Прави разлика од Егејска и Пиринска Македонија. Тоа е фер, затоа што прави разлика од целиот регион кој се нарекува Македонија, а нашата држава е сместена горе, односно северно во тој регион. Нашата отстапка тука е дека новото име ќе биде и за внатрешна употреба, нешто за што нашата јавност за жал не беше доволно спремна. Кога ќе земете во предвид дека во надворешната комуникација повеќе ќе го нема она „бивша југословенска“, што сметам дека беше сериозно навредувачки, тогаш е јасно дека Договорот го сочувал нашето достоинство. Северна Македонија и за внатрешна употреба е многу подостоинствено од Бивша Југословенска Република Македонија само за надворешна употреба.

За општество кое го проаѓа тестот на реалноста

Ние за жал и покрај изгласаната независност на нашата држава во 1991 година не успеавме длабоко да раскрстиме со југоносталгијата, за која тврдам дека е штетна во градењето општество кое дава сериозни одговори на реалните прашања, проблеми и предизвици на денешното време. Чедомир Јовановиќ многу често знае да каже дека денешна Србија и нејзиното општество не го проаѓа тестот на реалноста. Вели дека денешна Србија, заробена во митовите, не е способна да види дека Косово е независно. Не го препознава поразот кој го доживеа политиката на Милошевиќ, како и многуте злодела кои ги донесе таа политика, посебно немањето сила да се признае геноцидот во Сребреница. За наша голема жал, како малку да ни беше југоносталгијата, со сериозна пропаганда, на која можат да и завидат и најсилните светски недемократски режими, како и барем милијарда евра пари на граѓаните, груевизмот во последната деценија напумпа огромен балон полн со антиквизација, а во кој го зароби нашето општество. Митови и историја од период кој е три века пред нашата ера. Проектот „Скопје 2014“ е најголемиот проект во деценијата владеење на ВМРО-ДПМНЕ и вистински пример и за нашето општетсво кое една деценија не го проаѓа тестот на реалноста. Стотици милиони евра само од овој проект фрлени во споменици, пропаганда и историја додека младите ни се ислеуваат, училиштата и болниците ни се распаѓаат, додека економијата ни тонеше и најважно голем број на луѓе ни гладуваа. Парадоксално, поголемиот дел од најзагрозените не се бунеа, не бараа решение за нивните проблеми, туку го величаа Воинот на коњ, кој живеел три века пред Исус. Сега можеме да се избориме повторно за нов почеток, за веројатно последна шанса да изградиме ново и модерно општество, кое за цел ќе има да ги решава проблемите и предизвиците со кои се соочува. А почетокот ќе биде добар, за почеток се решава најголемиот наш проблем од независноста до денес, проблемот со името, кој за жал не беше решен на време. Пред да преминеме понатаму, еве едно прашањата од нашиот тест на реалноста: Дали е реално во спорот за името да влезеш како Р. Македонија и после сите преговори и компромиси од спорот за името, кој мора да го решиш за да си ја обезбедиш иднината, да излезеш како Р. Македонија?

НАТО и ЕУ стратешки цели на државата

Од независноста до денес, на сите анкети мнозинството граѓани се изјасниле дека сакаат да станеме членки на НАТО и ЕУ. Сите влади од независноста до денес, сите премиери и министри за надворешни работи, зборувале дека членството во НАТО и ЕУ се највисоки приоритети на нашата држава. Сите лидери на најголемите партии, без разлика дали се владеачки или опозициски, зборуваат дека членството во НАТО и ЕУ се стратешки интереси на нашата држава. За придобивките од НАТО и ЕУ е зборувано и пишувано премногу, на мнозинството граѓани им се јасни придобивките. ЕУ ќе ни помогне да ги достигнеме нивните стандарди во разни области, да ја подигнеме нашата економија и да можеме да се натпреваруваме на најголемите пазари. За мене членството во НАТО е уште поважно, затоа што засекогаш ни ги гарантира границите, безбедноста и партнерството со најмоќните и најразвиените држави во светот. Тоа е предуслов за да можете на Западен Балкан да развивате држава која може да биде пристојно место за живеење. Посебно е важно поради црните и неизвесни сценарија за Западниот Балкан, а кои доаѓаат од истокот. Кои се црните и неизвесни сценарија? Негативното влијание на Русија на Западниот Балкан. Преговорите помеѓу Белград и Приштина за корекции на границите. Ако промената на сегашните граници и воспоставување на нови според етнички принцип биде прифатливо како решение на проблемот помеѓу Белград и Приштина, најголемиот страв на сите влијателни политичари и аналитичари е за иднината на БиХ и Македонија.

Концептот и политиката на промена на границите доживеа еден пораз со влегувањето на Црна Гора во НАТО. Сега на ред е и ние да го поразиме тој концепт во Македонија, со обезбедувањето на нашите граници засекогаш. Освен за границите на нашата држава, нашиот придонес е многу важен, за таа политика и тој концепт да стигнат демотивирани кога ќе дојдат на ред (а нивниот ред е одма после затворањето на нашиот проблем) да се решаваат проблемите во Србија, Косово и Босна и Херцеговина. Е сега, ако ние сакаме во НАТО и ЕУ, а патот кон тие наши цели е блокиран од 2008 година поради проблемот со името, се поставува уште едно прашање од тестот на реалноста: Дали е возможно да влеземе во ЕУ и НАТО, со Р.Македонија за внатрешна употреба и Бивша Југословенска Република Македонија за надворешна употреба?

Цел свет ни пружи рака за да нѐ извади од калта

Сите големи лидери од модерниот и развиен дел од светот му даваат огромна поддршка на премиерот Заев сега да го избутка овој процес со Договорот со Грција. Ангела Меркел и Тереза Меј дојдоа во историски посети на Македонија. Јенс Столтенберг, секретарот на најмоќниот воено-политички сојуз беше во Скопје. Себастијан Курц исто дојде во посета, со цел поддршка на Заев да го избутка процесот. Секретарот за одбрана на САД, Џејмс Матис дојде во Скопје и испрати пораки на поддршка. Могерини, Хан, Михаел Рот, едноставно не е можно да се набројат сите светски важни политичари кои дојдоа со искрена поддршка. Поканата за Заев и неговата посета на потпретседателот на САД, Мајк Пенс, му доаѓа како круна на целата поддршка! Веќе нема дилема и кај најголемите скептици. Ќе бидеме 30-та членка на НАТО. Ќе почнеме преговори со ЕУ. Ќе се интегрираме со развиениот дел од светот. Нашата држава никогаш немала поголема поддршка од лидерите на развиените и модерни држави од Западот. Оваа поддршка е всушност подадена рака на сите нас, за да не’ извадат од калта. Раката е подадена, поддршката никогаш поголема, останува на нас да на 30-ти септември ја фатиме пружената рака и да ја искористиме шансата да излеземе од калта. Доколку тоа не го направиме, интересот на Западот кон Македонија ќе се изгуби. Подобар Договор со Грција реално не можеше да се постигне. Посебно не може да постигне ВМРО-ДПМНЕ, кое имаше една деценија да го реши најголемиот проблем, но наместо тоа одлучи да дува огромен балон од антиквизацијата, а цената беше изолирана држава со нарушени преговарачки позиции. Пораките се дека ваква шанса повеќе нема да имаме. Додуша, ако оваа шанса не ја препознаваме, ние колективно друга и не заслужуваме. Ќе останеме изолирана држава, сами на ветрометина, на која ќе дуваат црни и неизвесни сценарија. Без капацитет да можеме да се заштитиме, ќе продолжиме да живееме во општество кое не го поминува тестот на реалноста се додека некое црно сценарио не биде кобно за нас.

Да гласаме со разум, без емоции!

Пред сите нас е одлуката, најпрво како одговорни граѓани да гласаме на референдумот во недела, а потоа да гласаме за европска Македонија и да добиеме уште една шанса да изградиме здраво општество кое го проаѓа тестот на реалноста. Одговорноста е наша и ничија друга. Последиците од одлуката повторно се само наши. Пријателите се тука да помогнат, но само доколку дозволиме да ни биде помогнато. Договорот со Грција, без разлика дали ви се допаѓа или не, буди емоции. Она што на сите нас ни е потребно е одлуката за гласањето во недела да ја донесеме со трезна глава, одлука врз која нашите емоции немаат влијание. Со многу размислување, премерување, мудрост и рационалност да обезбедиме поубава иднина за сите нас.

Автор:Џелал Хоџиќ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...