Се разбира, колку и да сакате не можете да не се согласите со укажувањето на Диневски, иако вакви искази се изнаслушавме во изминативе три-четири години, па и многу порано. На пример, за време на „Шарената револуција“. Па месеци после тоа, па во врска со основањето на она/ова СЈО (без него, ако се сеќавате, ќе бевме никој и ништо, само една голема мафијашка трпеза), па кога почнаа обвиненијата, па судењата … сите до едно беа историски и судбински настани од чија што разрешница зависеше иднината на државата! Колку пати истите реченици сме ги слушале и од таканаречениот меѓународен фактор, па од соседите (без промена на името нема ова, без промена на историјата нема она … без споменик на едикојси блгарски генерал нема ни ова ни она …), од сите демек добронамерни и пријателски настроени? Сега и Советот на амбасадори ни попува дека правилната и вистинската судска разврска на овој случај ќе биде гарант дека сме правна држава. Аман. На овие години да се чувствуваш како мало и малоумно дете на кое секоја будала му кажува што му е судбината ако не слуша! И навистина не пораснавме, толку децении! Иако најголемиот дел од овие што солат памет немаат ама баш никакви директни (политички или други сериозни) надлежности не само врз случајов, туку воопшто. Освен претседателот на државата, чие што обраќање нѐ врати во некои добри стари времиња на разум и разумност, сериозност, стабилност … Но за тоа во друга прилика!
Сепак, овојпат мораме да признаеме: цитираното укажување од почетокот на текстов сепак доаѓа од искусен професионалец – не политичар! – кој знае што говори. Знам, некој ќе приговори дека сето тоа веќе на сите ни е јасно. Ама дали е така? Па дури и да е така, вреди за тоа (повторно, и со малку поинаква глава) да се размисли. Ама, повторно едно ама: за која тоа мафија говориме? Оваа не е прва наша мафија, барем колку што јас паметам. Оваа е мафија во континуитет. Се менуваат само ликовите, играта останува иста. И „правилата“. И тој континуитет трае – колку? Три децении, без прекин? Браво Македонијо! Што ќе рече дека таа таканаречена мафија – во едно друго време нарекувана „црвена банда“, па олигарси и тајкуни, па партократи, сега мафиози – во континуитет владее со државава, со помали или поголеми прекини, додека новите власти, кои и да се, не се консолидираат и не проработат старите или не се создадат нови врски. А потоа: вози Мишко!
Оттука, ова укажување веројатно треба да се земе сериозно зашто навистина може да биде последно. Што ќе рече, ако последователно ги губите сите битки, а ние богами полека ги (за)губи(в)ме, последнава битка може да значи и – дефинитивно губење на војната. Знам, некој („оптимист“) ќе праша: а кои тоа битки ги загубивме? Нели најголемата, онаа за НАТО, е веќе добиена, а битката за ЕУ претстои? А впрочем: зарем ЕУ и НАТО ќе дозволат земјава да се претвори во мафијашки рај? Се согласувам, веројатно нема тоа да го дозволат, ама не заради нас туку првенствено заради нивните интереси. И тоа секогаш било така. Ама, зарем не ни е доста од тој и таков патерналистички третман, од таа улога на незрело мрсулаво дете кое некои други го водат низ животот? Не умее само дури ни носот да си го избрише а демек ќе полни триесет години? Мислам дека и Претседателот се обиде тоа да ни го каже и дека полнолетството и самостојноста имаат и своја цена, па се викала таа вака или онака. И ние мораме да почнеме да ги (от)плаќаме тие (сепак „наши“) кафеански цехови, тие партократски долгови на политикантските „елити“ кои секојдневно се зголемуваат. Времето на светите крави, или белите мечки, како милувате, мора да заврши, нештата мора да започнат да се именуваат со вистинските имиња. А тоа именување не можат да го направат бившите или сегашните профитери од разноразна провениенција, опортунисти и незнајковци, политикантски фластери или приучени провинцијалци на кои Скопјево им изгледа како Париз. Без оглед на нивната декларирана верност кон ова или она, нивните потенцијали се на рамништето на детска градинка во Свирипичино. И таму треба да им биде местото! Наполнете неколку композиции и испратете ги таму. Безпоговорно!
Ако оваа битка навистина е последната, неа можат да ја бијат само сериозни, зрели, морални и компетентни поединци. И не говорам само за битката со мафијата. Не, зашто во државава всушност на полпат останаа и сите други (децениски) битки: во образованието, во здравството, во културата, во заштитата на животната средина, во јавната администрација … во политиката! И тоа се своевидни мали војни со своевидни (не мали) мафии, и таму владеат поединци и групи организирани врз истите или слични мафијашки принципи. Ако и тоа не го знаеме, ништо не знаеме. Ако пак тоа го знаеме а не правиме ништо, тогаш не заслужуваме ништо подобро!
Извор: Теодосиевски уметност