Последен поздрав до мојата тетка Билјана Беличанец

2515

Тето, мој идол, моја вечна муза,

Ти се чудеше колку е сино небото овде, ах тето сега тежок, темен облак се створи над нас, над мене и брат ми, откако ти замина.

Кога ти го честитав последниот роденден и кога само посакував да си среќна како на видеото од тебе што скришно го снимив-ти пееше, играше, се смееше, ти кажав ништо не е повредно од твојата среќа и здравје, ти кажав колку бескрајно те сакаме, ах да видиш сега тето колку солзи се леат по тебе, колку љубов и почит кон тебе…

Ти ми рече дека јас сум ти ехото што далеку свети и грее и сјае на сонцето твое кое некогаш месечината знае да го затскрие. Ах, тето како не ти го осветлив сонцето да светне над тебе кога таа проклета месечина дојде. Ангел мој, ѕвездо моја, уште од дете ме маѓепса, кога со очи полни восхит те гледав на сцена.

Божица, неповторлива! Ти знаеше како да ги маѓепсаш сите, ти знаеше како цела сала на нозе да ја кренеш. Колку сакав да заиграш во мој филм, ах колку сакав, инспирацијо моја.

Сега само остана да раскажувам за тебе, за твојата дарба, дела, убавина, за твојата чесност и добрина, за твојата уметност… Моите последни зборови до тебе беа: „Секој уметник мора да продолжи да твори…“ и се надевам дека таму кај што си, ти ќе продолжиш да твориш… Се надевам дека таму кај што си небото е волшебно сино, дека таму најде мир и насмевка која тука толку се трудеше да ја изглумиш. Нема доволно солзи да те исплакаат, никој нема да те заборави, сите те сакаме вечно! Нека рефлектори постојано светат за тебе таму, ангелу мој. Ти си ѕвезда што никогаш нема да згасне! Вечна ти слава! До следното видување!

Твоја и секогаш твоја,
Румена

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...