Поскапе паркирањето за вработените на Клинички

619
20051230 Friday 0048 Klinicki centar Majka Tereza Vlez

Ќе поскапе паркирањето за вработените во Клиничкиот центар, односно вработените наместо 300 ќе плаќаат 800 денари месечна карта за паркирање во комплексот на Клиничкиот центар Ова следи откако Советот на Град Скопје ја усвои Одлуката за изменување и дополнување на ценовникот на услугите што ги извршува ЈП „Градски паркинг“.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов истакна дека се укинува повластената цена од 300 денари и се врши усогласување со цените што ги плаќаат граѓаните за услугите на ЈП „Градски паркинг“ во насока на регулирање на сообраќајниот хаос во рамките на Клиничкиот центар.

– На Клиничкиот центар заради евтин популизам се издадени 1.500 месечни карти за кои вработените плаќаат повластени 300 денари во услови кога на паркингот има 670 места. За пациентите или корисниците на услугите на ЈП „Градски паркинг“ на Клиничкиот центар цената останува иста – изјави Шилегов.

Шилегов потенцираше дека зголемувањето на цената на месечната карта за вработените ќе придонесе да се намали сообраќајниот хаос во рамките на Клиничкиот центар во ситуација кога се издадени 1.500 месечни карти за вработените, а граѓаните немаат каде да паркираат.

Градот Скопје сериозно инвестираше во Клиничкиот центар во текот на минатата година преку одржување на хигиената, средување на зеленилото и санирање на дупките, а Градот планира да инвестира и во изградба на монтажен паркинг на местото каде што пред 6 години беше ископана дупка за нов клинички која сега е пополнета.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...