Посетата на поглаварот на Римокатоличката црква е индикатор за забрзување на интеграцијата на нашата земја, наскоро како членка во НАТО и кон полноправно членство во Европската унија, одговори меѓу другото, владиниот портпарол, Миле Бошњаковски прашан колку чинела посетата на папата Франциск.
Тој нагласи дека организацијата била во координација со Ватикан и оти била од највисок меѓународен карактер од независноста на Македонија.
– По речиси три децении ги утврдивме позициите на нашата земја кои сумирани во една реченица би гласале Северна Македонија членка на НАТО со отпочнати преговори за влез во ЕУ станува активен и рамноправен дел од развиениот западен демократски свет – рече Бошњаковски.
Тој нагласи дека се бесценети придобивките што оваа посета и ги донела на Северна Македонија и нагласи оти финансиските трошоци ќе бидат објавени веднаш откако ќе бидат спакувани и подготвени, додавајќи дека не може да прецизира точно кој ден тоа ќе се случи.
Портпаролот на Владата потенцира дека посетата на папата имала државнички, но и верски карактер, поминала беспрекорно, а пораките што ги испратил поглаварот на Римокатоличката црква преку медиумите допреле до целиот свет.