Порошенко: Бараме Томос од Вселенскиот патријарх за Единствена помесна афтокефална православна црква на Украина

Во своето прво обраќање Врховната Рада го повика Вартоломеј да го поништи актот од 1686 година, согласно кој „со кршење на каноните“ Киевската митрополија беше припоена на Московскиот патријархат.

565

Пред престојната прослава на 1030-тата годишнина од создавањето на Киевската Рус, претседателот на Украина Петро Порошенко бара поддршка од Врховната Рада на неговото Обраќање до Вселенскиот Патријарх Вартоломеј І за давање на Томос за автокефалност на Единствена Помесна Православна Украинска Црква.

Претседателот на Украина Петро Порошенко на 17 април одржа средба со шефовите на пратеничките групи на Врховната Рада на Украина и ги повика да го поддржат Обраќањето до Вселенскиот Патријарх Вартоломеј І за давање на Томос за автокефалност на украинската православна црква.

Врховната Рада за тоа Обраќање на Претседателот ќе одлучува утре.

– Јас сакам да се обратам до вас, колеги народни пратеници, со молба да го поддржите ова Обраќање. И сакам да се обратам до украинскиот народ, зашто изборот и одлуката е за вас – да се поддржат архиереите, да се поддржи Претседателот, да се поддржи Парламентот и да се добие Единствена Помесна Православна Украинска Црква. Верувам дека ова, со Божја помош, ќе се случи – рече во своето излагање Петро Порошенко.

Според зборовите на Претседателот, прв таков услов е Обраќање на црковните архиереи. Тој соопшти дека веќе одржал низа средби со претставниците на свештенството. Пресветиот Патријарх Киевски и на целата Рус-Украина, Филарет, го предал на Претседателот на државата соодветното Обраќање што го потпишале сите епископи на Украинската Православна Црква на Киевскиот Патријархат.

– Сите до еден – истакна Претседателот на државата.

Тој, исто така соопшти дека имал средба со Митрополитот Киевски и на сета Украина Макариј, претстојател на Украинската Автокефална Православна Црква кој го информирал дека сите архиепископи на УАПЦ, без исклучок, го потпишале Обраќањето до Вселенскиот Патријарх и Обраќањето до Претседателот.

– Несомнено, секој од вас разбира дека ова е апсолутно историски настан во историјата на нашата држава. Тоа не е црковен настан. Тоа е настан на независноста на Украина кој се случува во многу тешки времиња – рече Претседателот. Тој истакна дека тоа е важно за „ние да имаме, како и мнозинството во православниот свет, своја единствена автокефална црква – рече Петро Порошенко.

– Црквата евхаристиска, молитвено поврзана со други помесни цркви, но не и административно зависна, ниту од Москва, ниту од некој друг – истакна Претседателот, зборувајќи за новата Единствена Помесна Украинска Црква. Според неговото уверување, за ова прашање „треба да се тргне од стариот канонски принцип: по граѓанската и земјишната распределба да следи и распределба на црковните работи“. „И ние дејствуваме јасно во согласност со овој наведен принцип“ – констатираше Претседателот на државата.

– Украина, како независна држава, согласно со традициите на православниот свет не само што има право, туку според мое мислење, едноставно е обврзана оваа црква да ја признае. И не смее да се испушти оваа можност, треба да се покаже исто такво единство, какво што го покажа црковната хиерархија“ – додаде тој.

Петро Порошенко истакна дека сите помесни цркви на новото и поновото време беа конституирани во рамките на заемно дејствување на црквата и државата, затоа е потребно обраќањето до Неговата Сесветост да биде и од шефот на државата и од црковните архиереи.

– Ако тоа биде одлука на Парламентот, со ваша дозвола, јас барањето на Претседателот и црковните архиереи ќе го предадам на неговата светост Вселенскиот патријарх, за да може во најскоро време да го разгледа и донесе соодветна одлука – рече претседателот во обраќањето до Парламентот.

Пред тоа, на 9 април, претседателот на Украина во Истанбул имаше средба со Вселенскиот патријарх Вартоломеј во неговата официјална резиденција.

Прашањето за создавањето и признавањето на Единствената помесна автокефална црква е прашање кое се дискутира уште од стекнувањето на независноста на Украина.

Беше создадена и дејствуваше и работна група на чело со митрополитот Володимир Сабодан, претстојател на УПЦ (МП), „за подготовка на дијалог меѓу Украинската православна црква (при Московскиот патријархат) и Украинската православна црква на Киевскиот патријархат со цел обновување на единството на украинското православие“. Но, откако митрополитот Володимир поради тешка болест престана со активностите, дијалогот беше прекинат.

На 16 јуни 2016 година Врховната Рада веќе усвои едно барање до архиепископот во Цариград за давање на Томос за автокефалност на Православната црква во Украина.

Во своето обраќање Врховната Рада го повика Вартоломеј да го поништи актот од 1686 година, согласно кој „со кршење на каноните“ Киевската митрополија беше припоена на Московскиот патријархат.

– Денес Украина како никогаш порано е блиску до обновувањето на сопствената автокефална помесна црква. Многу се надевам дека оваа одлука ќе може да се донесе до 1030-тата годишнина од создавањето на Украина-Рус – изјави Порошенко.

Прославата на 1030-тата годишнина од создавањето на Киевската Рус – Украина ќе се одржи од 27 до 28 јули 2018 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...