Судијата во ТНT, Огнен Ставрев, на денешното рочиште објави дека поротничката на која и истече мандатот на 24 декември поднела неотповиклива оставка, а тоа значи дека судскиот процес треба да почне од почеток затоа што судечкиот совет не е во полн состав.
– Добив барање од поротничката Лилјана Ивановска-Кочковска за неотповиклива оставка. Таа изестува дека и престанува судскиот мандат, кога дала заклетва пред судскиот совет, а освен тоа вели и дека има здравствени проблеми – рече судијата Ставрев.
Тој ја задолжи одбраната до утре во 10 часот да се изјасни дали ќе се согласи на судењето за ТНТ кое ќе почне од почеток повторно да се изведуваат доказите и да се сослушуваат сведоците или само да се прочитаат веќе дадените искази и изведени докази.
Судијата Ставрев ги потсети адвокатите на нивните тврдења дека не сакаат одолговлекување на постапката, туку дека се залагаат за да се почитуваат законите.
– Ако е така, одново ќе ја почнеме постапката и да не биде тоа макотрпно, туку брзо и ефикасно кажете ми уште утре, еве ви даваме шанса да покажете дека работите во интерес на правдата – им рече Ставрев на адвокатите и на обвинетите.
Во ТНТ, за уривањето на Космос обвинети се поранешниот министер Миле Јанакиески, поранешниот премиер Никола Груевски, како и екс-градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски и вработени во општината.