Судија со спринтерска брзина сака да затвори случај пред Нова година кој во судските одаи се влечка две години затоа што двајца судии поротници се пред истекот на функцијата, откако наполниле 60 години и време им е за пензионирање, а на едниот од нив му истекува и мандатот. Ако не падне пресуда, ќе падне предметот и судењето ќе мора да се врати на почеток.
Овој банален пример е случај во македонското судство и тоа во предметот ТНТ што го води судијата Огнен Ставрев, а во кој се обвинети поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ за уривање на комплексот „Космос“, во сопственост на бизнисменот Фијат Цаноски.
Наместо да се бара одговорност за тој што ги избрал поротниците пред две години кога почнал судскиот процес, а не обрнал внимание на нивната возраст, сега судијата и адвокатите во задушливата судница на третиот кат во новата зграда на Кривичниот суд си играат мачка и глушец, како во кадар симнат од култниот „Том и Џери“.
Адвокатите го обвинуваат судијата дека прави процесни повреди и дека задира и во моралниот, но и во професионалниот интегритет на бранителите кои добија задача по службена должност да ги бранат обвинетите и во рок од два часа да направат увид во предметите тешки, два пакета полни со околу 20.0000 документи, меѓу кои и материјални докази, откако претходните бранители беа казнети со по 2.000 евра.
– Ова е класично силување на правдата, судството во случајот ТНТ го допре дното – вели адвокатот Еленко Малинов за Плусинфо и додава дека освен со жалби за повредите во судскиот процес, нема друга инстанца каде што можат да исправаат криви дрини.
Малинов вели дека еден од поротниците и кога почнал судскио процес пред две години имал наполнето 60 години. Од друга страна поротникот што бил избран на 24 декември 2015 година му истекува мандатот утре на полноќ, настрана што овој поротник со наполнети 60 години не може повторно да биде избран.
Судијата, пак, со недовреба гледа на сите обиди на бранителите да ги одложат судските рочишта обвинувајќи ги за опструкции. Колеги на судијата Ставрев, кои го поддржуваат во неговиот обид да го истурка ТНТ до пресуда, велат дека адвокатите поради одолговлекување на рочиштата да беа во Франција или во Велика Британија досега ќе останеа без лиценци.
Од друга страна, пак, истите тие судии одбиваат да посочат кој е виновникот што поротниците се пред пензија, а еден дури и пред истек на мандатот.
– Проблемот со поротниците пред пензија кои можат да го вратат ТНТ на почеток е наследен од времето на претходниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски, настрана што намерите на судијата беа да го заврши судскиот процес побрзо. Но многу рочишта пропаднаа поради опструкции на адвокатите, од кои еден дури бараше превод и на албански јазик и процесот се оддолжи, па сега излезе и проблемот со старосната граница на поротниците – велат судски извори.
Адвокатот на еден од обвинетите во случајот ТНТ, Мерџан Даути, е тој кој, прво побара да зборува на албански јазик и сите докази во овој предмет да му бидат преведени на албански јазик. Подоцна, побара да бидат заменети двајца судии поротници кои имаат наполнето 60 години, а прв кој го потегна ова прашање неодамна беше пратеникот Илија Димовски во случајот „Талир“.
Според судијата Огнен Ставрев, ова се само тактики и опструкции на адвокатите, а во врска со судиите поротници, вели дека само Судскиот совет кој ги избира може и да ги разреши.
– Јас немам законска можност за тоа – вели судијата Ставрев.
Одговор на ова прашање побаравме од Киро Здравев, претседател на Судскиот совет, но во Советот ни рекоа дека е презафатен со состаноци.
Според законот, Судскиот совет избира и разрешува судии поротници по предлог на претседателот на надлежниот основен и Апелациски суд, а на судијата – поротник му престанува функцијата, откако ќе наполни 60 години. Мандатот им трае четири години.