Извршниот одбор на Здружението за меѓународна политика „Совет на Амбасадори“ донесе одлука на претседателот на Европскиот Совет Данило Туск и на претседателите на државите или владите на земјите членки на ЕУ да им се обрати со писмо во кое се наведуваат аргументите и причините поради кои наредниот Самит на Европскиот Совет би требало на Република Северна Македонија да и одреди датум за започнување на преговорите за полноправно членство во ЕУ.
Писмото го објавуваме интегрално:
„Здружението за меѓународна политика – ,„Совет на Амбасадори” на Република Северна Македонија искажа големо задоволство од Извештајот за напредокот на нашата земја на патот кон ЕУ и безусловната препорака од Европската комисија до Советот на ЕУ за отпочнување на пристапните преговори со Република Северна Македонија.
Извештајот на Европската Комисија за Северна Македонија, според констатациите на
Федерика Могерини, Висока претставничка на Унијата за надворешни работи и
безбедносна политика, Јоханес Хан, Комисионер за добрососедска политика и
проширување како и амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија Самуел
Жбогар е досега најдобриот, најпозитивниот и најчистиот Извештај во историјата на
европските аспирации на државата.
Република Северна Македонија покажа силна решителност за напредок на патот кон ЕУ и постигна резултати кои се конкретни и треба да бидат иреверзибилни. Покрај
постигнатиот значаен напредок и испорачаните реформи, особено во областите
идентификувани како клучни од страна на Советот во јуни 2018 година, земјата постигна и историски договор со Република Грција – решавајќи 27-годишен спор за името – и договор за пријателство со Република Бугарија, со што стана пример за помирување и добрососедство во целиот регион и пошироко. Во процесот на реализација на тие комплексни прашања, земјата остана кредибилен партнер на ЕУ и НАТО во остварување на заложбите за помирен и подемократски свет.
Република Северна Македонија и нејзините граѓани го заслужуваат таквиот статус,
бидејки таа е светла точка на Западниот Балкан – држава која е цврсто посветена на
фундаментални промени во политичкото и општествено делување, негување на
културата на компромис и спроведување на реформските процеси на инклузивен и
транспарентен начин. Нашата земја е единствена држава од регионот која успешно ги
разреши сите отворени прашања со соседите, и е во целост посветена на
унапредување на билатералните и регионалните односи и соработка.
Република Северна Македонија покажа огромна одлучност и зрелост на внатрешен и
надворешен план и се покажа како најпосветен и најодговорен аспирант за членство во ЕУ. Државата е во целост подготвена токму сега да ги отпочне преговорите, бидејки е достигнат висок степен на решителност за интензивни реформи, и понатамошно
зајакнување на демократските процеси и владеење на правото. Едновремено, на
внатрешен план, одредбите на Охридскиот Рамковен Договор целосно се имплементирани.
Ваши Екселенции,
Свесни за клучните интерни предизвици со кои се соочува ЕУ, цврсто сме убедени дека политиката на проширување е во поддршка на стратегијата на Унијата да стане клучен актер на глобалната сцена. Евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан е во најдобар интерес на ЕУ, и продолжува да биде најдобра геостратешка инвестиција во безбедноста, економскиот и социјален просперитет, и стабилноста во цела Европа.
Свесни сме дека ЕУ е соочена со крупни прашања од интерен карактер, и дека и
престојат големи престројувања. Меѓутоа, сметаме дека нашата држава нема да ги
отежне овие процеси, туку напротив може да придонесе кон збогатувањето на Унијата,
на нејзиниот дух и визии.
Отпочнување на пристапните преговори со Р. Северна Македонија е неопходен сигнал
за консолидирање на земјата. Какво било дополнително одложување би влијаело крајно неповолно и демотивирачки за граѓаните, и би резултирало со губење на нивната доверба во кредибилноста на процесот на проширување и во европската перспектива на земјата. Впрочем тоа што со години го бараше и очекуваше ЕУ од Република Северна Македонија, конечно оваа Влада го направи и сега со право сите граѓани го очекуваат заслужениот датум за отпочнување со пристапните преговори.
Воедно, одложување на пристапните преговори со Северна Македонија би се одразило
негативно и врз стабилноста, севкупната реформска трансформација и врз
поттикнување на процесите на помирување, не само во нашата земја, туку и во
останатите држави од Западен Балкан.
Ние, поранешни амбасадори на Северна Македонија, ви се обраќаме вам, почитувани
Екселенции, да Вашите влади со нивните проинтегративни политики и пружат фер и
крајно заслужена шанса на Република Северна Македонија, и на претстојниот јунски
Совет на ЕУ објективно да ги валоризираат постигнатите резултати и, согласно Препораката на ЕК, на Република Северна Македонија да и се определи датум за
започнување на пристапните преговори, што ќе значи и исполнување на соништата на
сите нас кои мечтаеме за европска, демократска и просперитетна Република Северна
Македонија“, се наведува во писмото од поранешните амбасадори.