Поранешниот претседател на Уругвај, Хозе Мухика, кој додека ја извршуваше функцијата беше познат „како најсиромашен претседател на светот“, одби да ја прима пензијата што му следува за годините додека беше член на уругвајскиот Сенат.
Како што јави Би-Би-Си, Мухика во вторникот поднесе оставка на функцијата сенатор, која ја презеде по истекот на неговиот претседателски мандат во 2015 година, по што синоќа најави дека ќе се откаже од пензијата што законски му следува.
– Мотивите за мојата оставка се лични. Би го нарекол тоа умор по долгото патување. Секако дека додека мојот мозок функционира, не можам да се откажам од солидарноста и борбата за идеи – наведе Мухика во оставката доставена до претседателката на Сенатот, Луција Тополански, со која е во брак веќе 13 години.
За време на својот претседателски мандат од 2010 до 2015 година, 83-годишниот Мухика поголемиот дел од својата плата ја даваше во добротворни цели.
Единствено нешто што поседуваше кога ја презема должноста шеф на државата беше автомобил марка „Фолксваген буба“ од 1987 година, за кој во 2014 година му беа понудени милион долари, но Мухика го одби предлогот со образложение дека ако го продаде возилото ќе нема со што да го вози неговото куче кое има три нозе.
Мухика изјави дека иако моежби делува како „сенилен старец“, сепак таквиот начин на живот е негов слободен избор и дека сега по оставката планира повеќе време да минува на неговата фарма.
ФОТО: EPA-EFE/RAUL MARTINEZ