Судија на претходна постапка му одреди триесетдневен притвор на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање – УБК, Владимир Атанасовски, поради инволвираност во настаните од 27 април во Собранието на Македонија.
Притворот му е одреден на предлог на обвинителството. Атанасовски ноќеска е приведен и однесен на распит во Кривичниот суд.
– Постои основано сомнение дека лицето сторило кривично дело Здружување заради непријателска дејност од чл. 324 ст.1 од Кривичниот законик. Надлежен обвинител до судија на претходна постапка достави Предлог за определување на мерка притвор – соопшти ЈОРМ.
Обвинителството за организиран криминал и корупција побарало притвор врз три основи: опасност од бегство, влијание врз сведоци и опасност од повторување на кривичното дело.
Атанасовски беше посочен од обвинетите за „27 април“ Стефан и Михаил Младеновски и од Захарие Симовски, како еден од организаторите на упадот во Собранието и како нарачател на насилства врз припадници на тогашната опозиција.
Атанасовски стана директор на УБК на 1. септември 2016 година, а таму дојде на местото на Љупчо Андоновски, кој пак, го замени Сашо Мијалков откако тој си даде оставка. На директорското место во тајната полиција остана до јуни 2017 година, по што беше ангажиран како советник за безбедност на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Атанасовски во сведочењата за 27 април, беше посочуван како близок човек на обвинетиот Александар Василевски Нинџа.
Според вчерашните искази, откако тој станал прв човек на Тајната полиција му дал одврзани раце на Нинџа, со ветувања дека тој и групата ќе добијат поддршка и ќе бидат заштитени од безбедносните структури. По проценка на Атанасовски и на други лица од УБК се правеле планови кој да биде нападнат од јавните личности, новинари и партиски функционери од СДСМ, кои наводно, според него биле непријатели на македонскиот народ.
Меѓу сведочењата на тројцата обвинети, меѓу другото, имаше и такви во кои се посочуваше дека Нинџа пренесувал порака од Атанасовски за да се нападнат домовите на Петре Шилегов и Радмила Шеќеринска, и да се запали возилото на Љубомир Фрчкоски.
Атанасовски досега не беше опфатен со истрагата и судската постапка за настаните од 27 април.